Кантегрeл: Во нашето ДНК е да победуваме секого, Вардар е актуелен шампион!

Македонскиот првак во септември ќе ја започне шеснаесетата сезона во елитната Лига на шампионите. Овој пат во нов формат со скратен и привилегиран избор на екипи и зголемен квалитет, елитното натпреварување ќе се обиде да ја зголеми атрактивноста, гледаноста и популарноста.

И Вардар започнува нова приказна, со ново раководство, нов ростер и неколку ракометари од златните денови ќе се обидат повторно да се искачат на највисокото скалило од подиумот на ракометна Европа. А најпрво треба да поминат преку Елверум, Мешков, Порто, Фленсбург, Келце, Пик Сегед и ПСЖ.

Еден од оние новодојдени ракометари кои треба да покажат дека вредат да се дел од составот на актуелниот европски првак е францускиот интернационалец Робин Кантегрел. За Французинот ова е прво искуство во Лигата на шампионите токму затоа со нетрпение го очекуваше извлекувањето по групи за следната сезона.

Беше возбудливо да се следи ждрепката во Лигата на шампионите. Сега конечно знаеме против кого ќе играме и на кој начин да се подготвуваме. Што се однесува до противниците мислам дека можеме да играме со секого од нив и да ги победиме, бидејќи тоа е врежано во ДНК на Вардар. Во „Јане Сандански“ е многу тешко да се гостува, не би сакал да прогнозирам за иднината но навистина мислам дека можеме да се бориме со секого.

Единствено сум разочаран што Нант не е во нашата група. Тоа е мој матичен клуб. Најголемиот развој го постигнав таму и навистина ми е жал што нема да играме против нив.

-истакна Кантегрeл за 24Ракомет.

Голманот кој го започна ракометниот пат од Нант, а бранеше за Сесон Рен и Понто-Комбо вели дека шампионскиот дух кој го краси овој колектив на Вардар ќе биде пресуден во борба за шампионската титула следната сезона.

Вардар сè уште е актуелен европски првак, мораме да го браниме тој статус и да дадеме се од себе во секој натпревар. Можеби ова што го зборувам е многу едноставно, но навистина верувам дека е така. Тешко е да се предвиди на кое место ќе завршиме бидејќи секој натпревар е посебен, а секој од тимовите ќе се бори да го даде најдоброто во ова натпреварување па и да стане шампион.

Имам голема доверба во големите имиња во оваа екипа. За мене ова ќе биде прво искуство да играм на ова ниво. Досега имам запишано настапи против Нант и ПСЖ, но тие се во француското првенство.  Имаме тим и имаме големи имиња како Чупиќ, Дибиров, Дисингер, Стоилов… се се прави на Вардар да му се случуваат убави работи, затоа верувам дека ќе се бориме и ќе дадеме се од себе и заедно со публиката и атмосферата во арената мислам дека можеме да победиме секого.

Ако во минатото Вардар имаше сигурни чувари на мрежата во името на легендарниот Арпад Штербик, Страхиња Милиќ и младиот Дејан Милосављев, минатата година токму голманската позиција беше најслабата алка во финансиски осакатениот ростер на актуелниот европски првак. Кантегрел треба да ја врати довербата меѓу стативите во „црвено-црните“ редови, а секако ќе има поддршка од младиот Кизиќ и ветеранот Ристовски.

За мене ова ќе биде ново искуство. Не се плашам, тука сум да играм и да му помогнам на тимот. Макар тоа биле и неколку минути. И сигурен сум дека поискусните ракометари ќе ми помогнат да бидам подобар. Навистина со нетрпение ја очекувам пеколната атмосферата во „Јане Сандански“, навивачите и првиот натпревар.

Умот мора да остане смирен, и да се борам на секој натпревар, тоа е духот и на овој клуб. Изминатава сезона ги гледав како се борат и даваат се од себе и покрај сите проблеми во клубот. Колективот остана смирен и посветен, токму затоа и одбрав да дојдам тука. Затоа што само со таква посветеност може да се надмине секоја препрека и да се освојат сите трофеи, па и тој во Лигата на шампионите. Со таква борбеност, дух и навивачите позади нас можеме да направиме многу добри работи. Во Скопје е посебна врската меѓу навивачите и ракометарите, и таа блискост ќе му помогне на тимот, затоа сум навистина  возбуден што ќе дојдам во Скопје и ќе бидам дел од таа атмосфера.

Вардар оваа сезона покрај Дибиров, Чупиќ, Стоилов, Дисингер и Калараш во составот  покрај францускиот голман Робин Кантеграл, ги доведе и хрватскиот централен бек Анте Гаџа, десниот бек Векиќ, српскиот интернационалец Вујин, Полјакот Валчак  како и македонските ракометари Гоце Георгиевски, Филип Талески и Томислав Јагуриновски.