Канаје: Ако бидеме тимот од мечот против Кил имаме шанси и против Вардар

Следниот противник на Вардар, екипата на Монпелје игра во променлива форма пред дуелот од Лигата на Шампионите во Скопје. Во претходното коло во ЛШ тимот од Франција го совлада Кил, но потоа загуби во домашното првенство од Сесон Рен.

Тренерот на Монпелје, Патрис Канаје во пресрет на гостувањето во Скопје за сајтот на клубот ги кажа своите очекувања. Пред сè истакна дека неговиот тим има проблеми со непостојаноста и успехот на овој меч ќе зависи од однесувањето на неговите ракометари на теренот.

„Непостојаноста е проблемот кој го имаме, како во ментален аспект така и во тактички. Пример се последните два натпревари, на еден постигнавме 37 гола, а на другиот само 21. Морам прво да ги дознаам амбициите на моите играчи за овој натпревар. Успехот во Скопје ќе зависи од тоа кој клуб ќе бидеме на теренот, дали оној против Кил или оној против Сесон Рен. Јас сум повеќе лут отколку загрижен за перформансите на мојот тим. Пребрзото враќање на Порт на теренот можеби го објаснува тоа, но не очекувам тој да ги носи сите на својот грб. Очекувам секој да си ја заврши својата работа“, рече Канаје.

Натпреварот од 4. коло во Лигата на шампионите се игра денеска во салата Јане Сандански со почеток во 20:45 часот.