КАКО ДО ШАМПИОН: Нема првак, нема испаѓање – Во ЛШ, Вардар или Еурофарм П. – во ЛЕ првите од домашното првенство

Екипата на Охрид прекинот на сезоната во Супер машката лига го дочека на 2. место со само еден бод помалку откако во 13. коло се избори за победа во дербито против Металург. Ракометарите на овој тим и понатаму работат индивидуално и се во исчекување на подобри вести околу можноста за враќање на терен, но засега ситуацијата не дозволува играње на натпревари, но и тренирање.

Тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ го даде своето видување за настаните и околу тоа што и како би требало да се случува околу првенството во Супер машката лига.

„Ако се продолжи вонредната состојба за нови 30 дена ќе биде навистина тешко. Ќе имаме навистина тешка ситуација во која нема да можеме да ги подготвиме ракометарите за натпреварите бидејќи после 20 мај ќе биде навистина тешко. Мораме да размислуваме за здравјето на играчите. Новата мерка која е воведена за полициски час од 16 часот и целосен карантин од петок од 16 часот до понеделник наутро до 5 часот само уште повеќе ќе ги отежне работите и ќе биде навистина претешко да се успее сезонава да се подготви тимот за некакво продолжение на сезоната“, вели Стојановиќ за 24 Ракомет.

Тој смета дека после долгата пауза ќе биде тешко да се дојде до добра подготовка и дека сезонава нема да можат да го издржат напорот и дека треба да се мисли за здравјето на играчите.

„Никој не е навикант да седи дома два и пол месеци. Ова не е пауза од месец и пол после која имаме 40-45 дена за подготовки за да можеме играчите да ги подготвиме максимално за предизвиците туку ситуацијата е максимално неповолна за сите. Ниту еден професионалец не се има најдено во ваква ситуација. Ракометарите можеби тренираат, но не е тоа вистинското бидејќи се работи индивидуално и сигурно организмот нема да може да го даде она што ќе биде потребно бидејќи паузата ќе биде многу долга. Инаку, ќе биде тешко и да се одигра некој брз систем, а не е коректно во еден натпревар да се одлучи цела сезона“.

Според Стојановиќ сезонава не треба да има шампион, а во Лигата на шампионите да игра или Вардар или Еурофарм Пелистер во зависност од буџетот и од играчкиот кадар кој ќе го имаат за новата сезона.

„Во ваква ситуација ќе биде навистина тешко да се донесе вистинската одлука. Сметам дека можеби најдобро е годинава да нема шампион и да нема испаѓање од Супер лигата. Лично мој став како тренер е двете екипи кои играа во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите да се види со каков буџет и со каков квалитет ќе располагаат за следната сезона. Оној што ќе има подобар тим за новата сезона тој би требало и да го добие местото во Лигата на шампионите, а другиот да игра во Евро лигата. Тимовите кои завршија на првото и второто место сезонава во регуларниот дел односно се наоѓаа на нив пред почетокот на паузата да ги добијат другите две места, но во ситуација доколку немаат доволно добар тим и финансии да го отстапат местото на следниот на табелата. Сметам дека треба да се има фер-плеј во ваква ситуација. Сето ова го зборувам од лично има како тренер“, коментираше Стојановиќ за 24 Ракомет.

Според пласманот во регуларниот дел Охрид како второпласиран требаше да влезе во плеј-офот каде што очекуваше да има битка за излез во европските купови, а останува да се види што и како ќе се случува и каква ќе биде одлуката.