КАКО ДО ШАМПИОН: Еурофарм Пелистер сака одлука на терен – или распределба на евро-местата според ланскиот пласман

Екипите кои се натпреваруваат во Супер лигата особено оние кои се во плеј-офот и понатаму со нетрпение очекуваат каков ќе биде развојот на ситуацијата односно што и како ќе се случува за да се види дали ќе има продолжение на сезоната на терен или ќе мора да се бара друго решение. Во домашното првенство остана да се одиграат уште натпреварите од плејофот и плејаутот.

Во борбата за титулата сега требаше да се приклучат екипите на Вардар и на Еурофарм Пелистер. Тие не настапуваа во домашното првенство поради обврските во СЕХА лигата и Лигата на шампионите. Двете екипи играа во СЕХА лигата и во групната фаза од Лигата на шампионите. Вардар одигра 14 кола во групната фаза од ЛШ и уште 11 во СЕХА лигата. Еурофарм Пелистер во групната фаза на ЛШ одиграа 10 натпревари и 12 во СЕХА лигата.

Како првопласирани две екипи во домашното првенство лани се изборија за место во регионалното натпреварување, а откако Вардар стана европски првак, битолчани аплицираа за дополнително место во ЛШ, и исто така добија дозвола од ЕХФ сезонава да играат во најсилното натпреварување, иако во Ц и Д групите.

Во првенството на Македонија во регуларниот дел се одиграни 17 кола, и остануваше да се доигра последното 18 коло пред да се почне со плеј офот. Но, познато е дека Металург, Охрид, Пролет и Бутел треба да разигруваат за титулата. Редакцијата на 24ракомет спроведува анкета меѓу сите екипи сакајќи да го чуе мислењето како сезонава да се прогласи првак. Во различни земји има различни одлуки. Некаде се прогласува првак според досегашните резултати, некаде сезоната предвреме се завршува без да се прогласи првак. РФМ се уште размислува како да направи.

Раководството на Еурофарм Пелистер има свое размислување околу тоа што би требало да се случува, а ставот е да се одиграат натпреварите и првенството да биде решено на терен. Сепак, за да се случи тоа секако мора да се создадат и услови, а од нив ќе зависи и како ќе се одвиваат работите понатаму.

„Не сме за административно решение на шампионот на Македонија за актуелната сезона. Ние сме за одлуката да падне на терен, но ќе мора да се создадат прво услови. Опција е и играње во летниот период без разлика за кој месец станува збор. Сакаме шампионот да биде одлучен на терен“, вели директорот на Еурофарм Пелистер, Димитар Митревски.

Паузата е долга и сигурно нема да биде лесно да се вратат и ракометарите во потребниот ритам.

„Тешко ќе биде во овој период и за играчите и за клубовите. Во моментов повеќето се одржуваат на кондициски план, но никој нема реален ракометен тренинг на терен и тоа создава одреден вид проблеми“.

Интересен момент во ваква ситуација кога првенството би продолжило во летните месеци ќе бидат и договорите кои ги имаат играчите. Не би било воопшто лесно бидејќи дел од нив ќе мораат да си заминат, а прашање е како би можеле новите ракометари да бидат вклучени за првенство кое веќе имаше лиценцирани ракометари.

„Во ваква ситуација сигурно дека ќе мора да се најде брзо решение и да се види кои играчи би можеле да настапуваат. Да се види кои ракометари би можеле да добијат дозвола за настап, а кои неодносно дали ќе може да бидат регистрирани нови ракометари. На добар дел од играчите договорите им завршуваат и затоа ќе мора да се види во ваква ситуација што би било најдобро. Секако сето ова се само размислувања за кои ќе мора да се седне и да се разговара“.

Опција е, сепак, и административна одлука доколку ситуацијата со коронавирусот се одолжи и не постојат никакви услови за играње на натпревари.

„Доколку условите не дозволат да може да се игра и да мора да се седне на маса и да се донесе одлука кој ќе биде шампионот тогаш ние како сметаме дека првенството треба да биде поништено односно како во поголемиот дел од Европа овие резултати да не се сметаат и местата во европските купови да се распределат според пласманот кој беше остварен во претходната сезона. Можеби така ќе биде и најобјективно со оглед на вонредната ситуација која е во моментов низ целиот свет“, вели за 24 Ракомет, Димитар Митревски, пренесувајќи ги ставовите на Еурофарм Пелистер.

Инаку, тимот на Еурофарм Пелистер во сезоната која е во прекин дебитираше во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата, а се очекуваше во плеј-офот да се обиде да биде конкуренција за Вардар во битката за титулата во Супер машката лига.