КАКО ДО ШАМПИОН: Вардар сака борба на терен – ако има услови

Екипата на Вардар сезонава требаше да ја брани титулата во Супер машката лига, но поради ситуацијата со коронавирусот остана без можност да го направи тоа бидејќи уште не беше завршен регуларниот дел кога шампионатот беше прекинат, а воедно немаше ниту можност за почеток на плеј-офот.

Вардар се подготвуваше да ги игра двата осминафинални натпревари од Лигата на шампионите против ПИК Сегед и реваншот од четврт-финалето со Нексе за пласман на Ф4 турнирот во СЕХА лигата. Но, неизвесно е дали воопшто ќе се играат овие натпревари, а проблем се и мечевите од плеј-офот.

Редакцијата на 24 Ракомет во изминатиот период објави серија на текстови со кои ги анкетираше сите клубови од Супер лигата за начинот како да се одреди првакот во македонското првенство и како да се одреди кој тим да се пресели во понизок ранг.  Меѓу размислувањата на тренерите околу тоа како би требало да се заврши сезоната се приклучува и тренерот на Вардар, Стевче Алушовски, кој е за одлука на терен за новиот шампион.

„Ја сум за одигрување на комплетното првенство. Не сум за некоја скратена варијанта на првенство или за турнирско играње. Сепак, мора да се има предвид и фактот дека ќе ни треба време за натпреварите да бидат комплетирани, а ризикуваме и повреди на ракометарите“, вели Алушовски за 24 Ракомет.

Тој смета дека најдобрата одлука за новиот шампион ќе биде теренот.

„Би сакал на терен да падне одлуката за новиот шампион доколку постои можност за тоа. Сепак, нема да биде воопшто убаво и да се игра пред празни трибини. Без публикаи со скратен систем со неколку натпревари тоа ќе биде навистина неприродна ситуација“.

Паузата е веќе долга и тоа прави проблеми за тренерите на сите екипи.

„Играчите имаат веќе пауза од 33-34 дена и работат во домашни услови. Не знаме до кога ќе трае ситуацијата. Уште најмалку десет дена е сигурно, но не знаеме што ќе се случува потоа и дали ќе има итогаш некакви услови. Не сме работеле со топка и заедно и тоа ќе биде проблем. Тренерски гледано ќе ни требаат барем три недели за да може ракометарите да се подготват приближно до натпреварувачка форма. Доколку треба да се игра во јуни и јули ќе биде исто така тешко бидејќи е топло. Ова е наметната ситуација и навистина тешко е дасе каже како ќе биде најдобро за да се дојде до некое решение“, коментираше Алушовски за 24 Ракомет.

Вардар исто како и Еурофарм Пелистер нема одиграно ниту еден натпревар сезонава во домашните натпреварувања. Оттаму ова ја отежнува задачата за да може да се донесе одлука како ќе се финишира сезоната.