КАКО ДО ШАМПИОН: Металург сака титулата да се решава на терен – кога било

Лидерот во Супер машката лига на коло до крај од регуларниот дел, Металург исто како и сите други тимови е на пауза и во исчекување на подобри вести за враќање на терен. Во моментов тоа е најактуелното прашање со оглед на фактот дека поголемиот дел од првенствата во Европа се веќе завршени, а новите шампиони се познати.

Тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ го кажа своето гледање на работите околу тоа како би можел да биде добиен новиот шампион на Македонија.

„Ситуацијата е добро позната и за жал не се гарантира во брзо време да бидеме на паркет и да продолжиме со тренажниот процес за да можеме да ја одиграме и плеј-оф лигата. Како што се движат работите тешко дека до крајот на април ќе има услови за да се тренира, а нема да биде чудно и доколку вонредната состојба биде продолжена. Оттаму не гледам можност до почетокот на јуни да имаме одредени активности“, вели Кастратовиќ за 24 Ракомет.

Тој има свое видување како би можело да се дојде до шампион, но знае дека ќе биде навистина тешко да се донесе одлука.

„Ако има спорт ова лето приоритет ќе бидат квалификациите за големите натпреварувања. Во Супер машката лига ќе мора да се побара некој досега несвојствен модел за Македонија за да биде добиен шампионот со вклучување на Вардар и Еурофарм Пелистер. Тоа ќе треба да биде забрзана постапка. Сепак, неблагодарно е да се коментира. Генерално јас сум за тоа шампионот да биде добиен на терен, не е важно кога ќе се случи тоа“.

Во ситуација кога првенството би финиширало во текот на летото тогаш може да се појави и друг проблем со играчите од составот кој тимовите го имаат во моментов.

„Неизвесно ќе биде дали тимовите ќе можат на пример во јули или август да играат во составот во кој играле во текот на целата сезона. Доколку дел од играчите веќе имаат договори со нови клубови што ќе се случи со нив. Тоа ќе отвори еден нов проблем и нема да биде воопшто лесно. Оваа ситуација е многу компликувана и ќе биде навистина тешко да се реши. Ќе беше поинаку доколку тимовите кои се дел од СЕХА лигата играа и во домашното првенство бидејќи така можше по административен пат да се прогласи шампионот. Вака ќе биде навистина тешко да се донесе одлука“, коментираше Кастратовиќ за 24 Ракомет.

Инаку, првенството во Супер машката лига беше прекинато при одигрување на претпоследното 17. коло од регуларниот дел, но во овие моменти веќе се знаеше кои четири екипи ќе бидат дел од плеј-офот.