Како Георгиевски и Талески реагираат на коментарите на социјалните мрежи

Ракометарите Филип Талески и Гоце Георгиевски беа гости во емисијата на Канал 5, „Голден Карпет“, помеѓу другото во разговорот двајцата ракометари на Вардар зборуваа за критиките кои ги добиваат на социјалните мрежи.

Филип Талески кој блесна на натпреварот дома со Романија со 10 гола дефинитивно е еден од најкритикуваните играчи, па објасни како тој гледа на критиките од јавноста.

„Од социјални мрежи користам само Инстаграм, токму затоа што не е како на Фејсбук каде што има многу повеќе коментари. Тука често добивав фотографии од луѓе што коментирале за мене, срам ми е затоа што тие што коментираат се исто така родители како и јас. Јас имам мајка, татко, сопруга…што читаат и нив ги боли. Од моја гледна точка се прашувам како тој некој кој коментира ќе го воспита своето дете кога коментира за друг. Проблемот не е во тоа што ќе ме „плукаат“ мене, проблемот е што луѓето се толку гневни што навредуваат фамилии“, изјави Талески

Поискусниот Георгиевски на коментарите на социјалните мрежи не придава големо значење и фокусиран е на својата работа.

„Кога си јавна личност изложен си на критики и си на тапет. Секој денес има право да седне и да напише свој коментар преку кој неговиот гнев ќе го „истури“ на тебе. Ние сме свесни за тоа со години сме во ова и се обидуваме колку што е можно по безболно да го поминеме затоа што во спротивно би паднале психички. И да одиграш најдобро секогаш ќе се најде некој кој ќе те критикува, за мене тоа е минлива работа на која не придавам многу значење“, изјави Георгиевски.