Каков ривал доби Металург? Швајцарски тим со словенечки шмек предводен од Белорусин со топ во раката

Металург го доби тимот на Криенс Луцерн од Швајцарија за ривал во второто квалификациско коло. Станува збор за клуб со долга историја, но без позначајни успеси на домашна или меѓународна сцена. Оваа сезона, Криенс Луцерн по четврти пат се појави во Европа, а го елиминираше хрватскиот тим Дубрава со две победи (29-27 дома и 28-18 на гостински терен). Тимот од Луцерн во Европа во сезоната 2011/12 и стигна до четвртфиналето на Челинџ Купот каде беше елиминиран од Диомидис Аргус, а потоа во сезоните 2014/15 и 2017/18 играше во ЕХФ Купот и беше елиминиран во второто коло.

Луцерн е предводен од хрватскиот стратег Горан Перковац. Искусниот тренер досега ги водеше Винтертур, Кадетен, Сур Арау, Минден, Либек, а беше и селектор на Грција и Швајцарија. Во неговиот ростер има 17 играчи пријавени во Лигата на Европа, од кои тројца се голмани. Искусниот Полјак, Пол Бар е изборот на голманската позиција, а тука се уште домашните чувари на мрежата – Ејхер и Венгер. Левата крилна позиција ја покриваат Швајцарците Шлумф и Блатер, додека на десно крило играат Ванер и Идризи, кои имаат 19 односно 20 години.

Пикерската позиција е солидно покриена со Стаделман, Делчиапо, хрватскиот интернационалец Филип Гаврановиќ и Словенецот Алјаж Лавриќ. Левата бековска позиција е најсилната во составот на Луцерн и тренерот Зоран Кастратовиќ може уште отсега да подготвува против игра за Белорусинот Хлеб Харбуз. Тој лани беше пред потпис со Еурофарм Пелистер, беше најдобар стрелец во швајцарскиот шампионат минатата сезона, а и против Дубрава даде најмногу голови – вкупно 11. Покрај Харбуз, на лев бек игра уште домашниот ракометар Релстаб.

На среден бек игра едно познато име – некогашниот член на Металург, Јануш Лапајне. Словенецот беше дел од македонскиот тим една полусезона, пред да замине во словачкиот Татран Прешов, а оттаму во Швајцарија. Покрај Лапајне, организатор на играта е уште домашниот 19-годишен ракометар, Оертли.

Тренерот Перковац на десната бековска позиција ги има на располагање искусниот словенечки интернационалец Јернеј Папеж, како и младиот Чех – Томаш Пироч. Кога се ќе се сумира, станува јасно дека швајцарскиот тим има одлична прва постава, но и послаба клупа. Металурзи ќе треба најмногу внимание да обрнат на тројката Харбуз, Лапајне и Гаврановиќ, додека често се истакнува и десното крило Идризи. На дуелите со Дубрава, Перковац сметаше само на 14 ракометари, а не играа пикерите Делчиапо и Стаделман, како и голманот Венгер.

Луцерн добро стартуваше и во швајцарскиот шампионат, откако го победи Вакер Тун со 30-21, а до дуелите со Металург, ќе игра против Берн, Амичитија Цирих и Базел.

Во никој случај Луцерн не е фаворит против Металург, но ниту пак тимот од Автокоманда може да се прогласи за сигурен учесник во групите од Лигата на Европа.  Предноста е на страната на македонскиот претставник, поради искуството на играчите, како и поради играњето на европските натпревари, што може да биде пресудно во вакви двобои. Натпреварите треба да се играат на 22 септември во Скопје и на 29 септември во Луцерн, но се уште е нејасно како ќе се одвиваат работите со оглед на ситуацијата со коронавирусот.