И девојките од Металург се собраа, од денеска и тие на тренинг

После двете машки екипи на терен во металург се појавија и девојките кои од денеска се во тренажен процес за новата сезона. Со само мали измени влегуваат во новата сезона во која ќе имаат голем предизвик против составот на Куманово во трката за титулата.

Ракометарките на Металург во текот на ова лето останаа без средниот бек Михаела Стојановска која кариерата ја продолжува во Вардар, додека Теодора Кркачева заврши со играње. Нови имиња се Милица Николиќ (лев бек) и Ива Младеновска (десно крило/бек).

Николиќ е враќа во Металург откако во последните сезони играше за Вардар.

И во новата сезона екипата ќе биде предводена од Јулијана Црвенкоска, а ќе и помага Мери Арсениевска. Во стручниот штаб останува и Крсто Петрушевски.

Тимот ќе работи во Скопје, а ќе тренира на отворено на Гази Баба. Од 23 август би требало да се замине на Маврово каде што ќе биде одработен еден дел од подготовките.

Инаку, Металург е сè уште актуелен шампион на Македонија со оглед на тоа што во последната сезона немаше првак.