И Барселона реши сè, в понеделник ќе има уште еден тренинг натпревар

Ракометарите на Барселона денеска дојдоа до победа од 37:25 против Елверум на првиот од двата дуели кои ги играат на домашен терен. Формално како гости, Каталонците ја одработија повеќе од добро задачата така што в понеделник само формално ќе треба да го потврдат пласманот во четврт-финалето.

Кој ќе победи денеска беше јасно после десетина минути. Во 10. минута резултатот беше 8:1 за Барселона, а веќе на средина од првиот дел беше 13:3. Тука веќе беше решено сè така што до крајот прашањето беше со која разлика ќе финишира средбата и кој ракометар каква статистика ќе има зад своето име.

На полувреме резултатот беше 19:12 во корист на тимот на Барселона, додека во вториот дел разликата стана и поголема, па на крајот изнесуваше 12 гола. Победата од 37:25 е и повеќе од доволна за Барселона да биде прогласена за сигурен четврт-финалист со оглед на тоа што веќе е сосема извесно дека оди понатаму, а в понеделник треба само да го доработи почнатото во овој двобој.

Денеска прв стрелец во победничкиот состав беше Дика Мем со седум гола, а по четири имаа Јанц, Нгесан и Циндриќ. Голманот Де Варгас имаше 16 интервенции. Во Елверум најефикасни беа Солстад и Христоферсен со по шест погодоци. Голманот Торстен Фрис заврши со 14 интервенции.