И Атман си замина од Вардар, го засили тимот на Спартак Москва

После само една година во дресот на Вардар, репрезентативецот на Русија, Павел Атман си замина. Иако имаше договор на две години, финансиските проблеми си го сторија своето, па тој исто како и Кристопанс го напушта Вардар во тешки моменти за клубот.

Екипата на Спартак Москва веќе го претстави како засилување, па тој во продолжение на сезоната ќе настапува за клубот кој отпадна од СЕХА лигата. За Спартак Москва парите не се проблем, a претходно ги откупија и договорите на двајца играчи на Мотор Запорожје, Денер Јанима и Станислав Жуков.

Ова е само уште еден играч кој го напушта Вардар откако претходно и за Кристопанс беше објавено дека уште сега оди во Фуксе Берлин. Покрај тоа јасно е и дека Данил Шишкарев на крајот од оваа сезона оди во Веспрем.

Постојат најави за заминување и на други играчи на „црвено-црните“ и тоа до крајот на овој преоден рок односно до крајот на февруари.