„ИХФ секогаш експериментира само на женските првенства – тоа е дискриминација“

Селекторот на женската сениорска репрезентација на Норвешка, Торир Хергеирсон во интервју за норвешкиот портал „ВГ“ ја критикуваше одлуката на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) да тестира експериментална топка за која не е потребна лепак. Употребата на новите топки на Светското првенство за кадетки предизвика негативни и позитивни реакции во светската ракометна јавност.

За потсетување, Светското првенство за кадетки, кое се одржа во Македонија беше првото официјално натпреварување организирано од Меѓународната ракометна федерација на кое се игршеа со новите топки без лепак D60 PRO од јапонскиот бренд Молтен.

Неколку познати играчи се изјаснија против употребата на новите топки, па така и селекторот на Норвешка имаше свое (негативно) мислење, истакнувајќи дека не е против никаква промена во ракометот, но тоа да се прави постепено, а не 5 до 12.

„За девојките кои играа на Светското првенство во Македонија, ова е лошо. Но, се поставува прашањето – зошто експериментот се спроведува само на младите ракометарки? Зошто ова не се прави и со ракометарите? Ова е јасен сигнал кој доволно зборува за културата на лидерите на ИХФ. Се разбира, ова е форма на дискриминација. За женските првенства секогаш се создаваат повеќе тешкотии отколку за машките. На пример, на првенствата со учество на ракометарки, често се тестираат млади и неискусни судии. За секој развој е потребно време. Не сум против промена, но тоа треба да биде постепено. Ракометарките уште од мали треба да се навикнат да играат со ваква топка за да ја усовршат техниката на играње ракомет без лепак. Но, што гледаме сега? Ракометарките кои настапуваат на СП ќе се вратат во своите клубови каде нема да играат со новите топки”, изјави Хергеирсон.

Светските ѕвезди против топките без лепак: Кутрите деца, ова е крај за ракометот…