Исланѓанките најавуваат триумф: Ништо не им должиме на Македонките, сакаме реванш за ланскиот пораз!

Благодарение на Ракометната федерација на Македонија, која ја презема организацијата на СП од Грузија, селекцијата на Исланд доби вајлд-карта за Мундијалот.

Со оглед на тоа што беа поразени од Македонија во финалето на ЕХФ шампионатот минатата година, Исланѓанките беа прва резерва и од таков статус дојдоа до четвртфинале и најголем успех за женскиот репрезентативен ракомет во било која категорија.

Капитенот Лилја Агустстдотир вели дека ништо не и должат на Македонија и ќе одат на победа за прво место во групата.

„Ништо не им должиме на Македонките. Нашата цел е да ги добиеме уште од првата минута. Ќе направиме се да им се реваншираме за поразот минатата година на ЕХФ шампионатот. Имаме високи очекувања од натпреварот. Победа ќе ни донесе прво место во групата, што ќе биде одличен резултат“, изјави Агустсдотир за „Handbolti.is“.

Со триумф, Македонија не само што ќе го потврди местото во четвртфиналето, туку ќе биде и на првото место во групата.

Натпреварот меѓу Македонија и Исланд се игра вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот.