Исланд веќе oдржа тренинг во Скопје, но пристигна без најдобрата ракометарка (ФОТО)

Репрезентацијата на Исланд денеска пристигна во Скопје и ќе има неколку дена адаптација пред главните настапи во рамките од претстојниот квалификациски турнир за пласман на Светското првенство во Шпанија.

Селекцијата предводена од Арнар Петурсон ќе има тешка задача од петок до недела во салата во СЦ „Борис Трајковски“ бидејќи е ослабена поради отсуството на најдобрата ракометарка, Карин Кнутсдотир.

Искусната ракометарка од островската земја реши да се повлече од националниот дрес за квалификациските натпревари, а одлуката била донесена во разговор со раководството на Ракометната федерација на Исланд.

Репрезентативките на Исланд веќе одржаа и тренинг во салата во СЦ „Борис Трајковски“ така што почнаа со аклиматизацијата и со подготовките за натпреварите во квалификациите за баражот за СП.

Репрезентацијата на Исланд е еден од трите противници на нашата селекција и директен конкурент за првото место на турнирот кој ќе се одигра од 19 до 21 март во СЦ „Борис Трајковски“. На турнирот ќе учествуваат и репрезентациите на Грција и Литванија.

Најдобрите две репрезентации ќе обезбедат место во бараж натпреварите за Светското првенство кое во декември се одржува во Шпанија.