Интересен предлог на Душебаев: Да се игра Ф8 во Келн!

Тренерот на полскиот првак Келце, Талант Душебаев, упати интересен предлог до Европската ракометна федерација, која го планира завршниот турнир во Лигата на шампионите во август.

Осминафиналето и четвртфиналето претходно би требало да се одиграат во јуни, но тимовите што ќе обезбедат место на Ф4, ќе бидат со изменети ростери. Душебаев предлага наместо четвртфинални двомечи, на финалниот турнир да учествуваат осум, наместо досегашните четири екипи.

„Според мене важно е сезоната да ја завршиме до самиот крај. Не гледам зошто наместо да играме четвртфинале, сите четвртфиналисти не би се пласирале на завршниот турнир, кој би бил фајнал-ејт наместо фајнал-фор. Ако осминафиналињата се во првиот дел од јуни, тогаш овој завршен турнир може да се заврши кон крајот на месец јуни и сезоната да финишира регуларно, со сите играчи во своите постоечки клубови“, вели Душебаев.

Одржувањето на завршен турнир кон крајот на август дополнително ќе го згусне распоредот за следната сезона, во која покрај европските  купови, ќе се игра и СП и ОИ.