ИНТЕРВЈУ ФИЛИП ЛАЗАРОВ: Само Вардар може да ме врати дома!

Во последните три години поранешниот македонски репрезентативец и се уште активен интернационалец, Филип Лазаров, комплетно се повлече од нашата сцена и создава нов живот со семејството како дел од германскиот нисколигаш Ратинген. Со доаѓањето на Веселин Вујовиќ во Вардар, Филип се споменуваше како опција за позицијата помошник тренер, но наместо во „црвено-црните“ редови од пред 15-тина дена тој е асистент на Ацо Јоноски во Ратинген. Во Македонија доаѓа првпат по година дена, поводот беше објавувањето на книгата на неговиот петгодини постар брат, Кирил Лазаров. Филип беше расположен за разговор и ја прифати поканата на 24ракомет за да сподели детали од неговата богата ракометна приказна, но и да се отвори за тоа што значи да се носи тежината на презимето Лазаров, како и за неговите идни планови.

Момчето чија ракометна приказна почнува во Свети Николе, кога во еден агол од салата ќе врти семафор додека го гледа неговиот татко Благој Лазаров (познат македонски ракометар, подоцна и селектор на младинската репрезентација на Македонија), како и неговиот брат Кирил, како играат ракомет за Овче Поле. Филип имал интерес и за кошарка. Една година паралелно ќе тренира и кошарка во МЗТ Скопје и ракомет се додека неговиот татко не пресече дека тој треба да биде ракометар. Филип, кој игра на позиција лев бек ќе гради сосем поинаква кариера од онаа на Кире, а во ова интервју ќе признае дека долго време му било потребно да излезе од сенката на брат му.

Успесите во играчката кариера на Филип се врзуваат за Пелистер, Металург и Вардар, иако има и интернационални излези – Плер, Татабања, Темишвар, Бешикташ, но за себе вели дека има проблем со јазици и дека на домашен терен секогаш се чувствувал подобро. Паралелно ја гради и репрезентативната кариера. Бил капитен на младинската селекција која во 2002 година ќе игра на ЕП во Рига, Летонија (каде во квалификацискиот меч со Норвешка во „Расадник“ Лазаров последните 10-15 минути ќе игра со скршена рака и ќе постигне 12 гола) . Потоа во 2005 следи повик од тогашниот селектор Љубомир Савевски за А тимот на „Трофеј Карпати“ и од тогаш Филип ќе биде дел од генерацијата која ќе ја врати Македонија на големата сцена. Од СП 2009 во Хрватска, преку најголемиот успех – петтото место на ЕП 2012 во Србија, додека последно големо натпреварување за него е СП 2019 во Данска и Германија.

Во 2018 година станува член на германскиот второлигаш Ратинген. Средина во која изминативе години перфектно се адаптира и тој и неговото семејство. Денеска има статус на полупрофесионалец, со оглед на тоа дека работи во приватна фирма за бела техника и истовремено му е посветен и на ракометот. Уште го учи германскиот јазик, повеќе разбира отколку што зборува, но низ смеа дофрла „се борам јас со јазиците.“ Играчката кариера полека ја остава зад себе, спонтано влегува во тренерски води, иако немал таква визија за себе, и можеби токму тоа е она што ќе го работи во иднина. Германија е средината во која се гледа и сега – засега нема планови за враќање во Македонија.

„Убаво се адаптиравме со семејството во Германија. Живееме во Дизелдорф, а Ратинген ми е на 10-тина минути со автомобил. Мирен живот, опуштен. Работам во приватна фирма за бела техника, во последните неколку месеци и сопругата работи. Се уште сум активен ракометар, но во вториот тим каде тренирам двапати неделно. Првиот тим тренира петпати неделно и со оглед на сите работни обврски некако стана и напорно. Пред околу две недели се случи понудата за помошник тренер во првиот тим. На неколку натпревари се виде дека на Ацо (Јоновски) му треба помош на клупата и тој алудираше и форсираше да бидам јас. Сопственикот на клубот исто така тренира во вториот тим и имавме шанса подобро да ме запознае, седнавме и се договоривме. Ќе му бидам помошник на Ацо, но ќе останам активен во случај да треба да помогнам. Повредени играчи или играчи надвор од форма, долга е сезоната. Кусо време работиме, но засега добро функционираме и сите сме задоволни“, објаснува Филип Лазаров и продолжува: „Многу ми е интересно, дури не очекував дека толку ќе ми се допаѓа. Немав некои планови за тренерска кариера, бев некако со поделено мислење. Интересно е, има многу комуникација со Ацо, видео, тренинзи, анализи, играчите – кој, што и како, ги гледаш од поинаков аспект и секако натпреварите се највозбудливиот дел. Почнувам сега посериозно да размислувам за тренерски води и мислам дека можам да направам нешто. Ова се почетоци се надевам дека ќе се пронајдам.“

 

Какви ви се целите, амбициите?

„Играме во Четврта лига, полупрофесионална и се надевам дека догодина ќе влеземе во Третата лига, која е веќе професионална. Во Германија работите функционираат малку поинаку, ништо не е од денеска за утре. Спонзорот има амбиции и за Бундеслига, но не брза никаде. Има десетгодишен план за да се направи нешто и одиме полека. Интересно е што таму во ракометните кругови работите брзо се шират и без разлика дали е во Бундеслига или во Четврта лига, ако направиш нешто добро сите знаат. Ние имаме простор од година – две за да направиме нешто и се надевам дека ќе имаме добра сезона. Сопственикот има голема доверба во Ацо, има концепт и напорно работиме. Максимално сме посветени затоа што сакаме и да му вратиме нешто на клубот за она што ни го даде.“

ЗАДОЛЖИТЕЛНО: ГАЈБА ПИВО ПОСЛЕ ТРЕНИНГ

Филип открива и интересни детали за тоа како се функционира по тренинг или натпревар во Германија.

„По тренинг или натпревар гајба пиво е задолжително! (се смее) Си има распоред по број на дрес кој купува следен гајба пиво. Има и еден соиграч задолжен да те потсети и нема кикс, тоа е главно! Кај нив тоа е нормално. Едно или две пива по натпревар е за опуштање, за дружење, но повеќе од тоа не смее. Казните за алкохол се многу големи и сите внимаваме“, низ смеа кажува Филип.

НАЈГОЛЕМА ГРЕШКА МИ Е ШТО ПОТПИШАВ ЗА БЕШИКТАШ

За многумина беше изненадување одлуката на Филип Лазаров од играч со богата репрезентативна и интернационална кариера, ракометар кој со Вардар играше во Лигата на шампионите да потпише за Ратинген, во Втората германска лига. Каков предизвик виде во таа понуда?

„Трансферот во Ратинген беше само завршница на серија работи кои ми се случија во кариерата. Најголемата грешка ја направив кога од Пелистер заминав во Бешикташ. Во Пелистер бев месец дена (тоа е времето кога имаше два клуба во Битола) и се појавија проблеми. Во меѓувреме стигна понуда од Бешикташ, кој беше интересен клуб во моментот, играше Лига на шампиони, фаворит во Турската лига, убави финансии. Истанбул е убав град, а и Немања Прибак со кого играв во Вардар беше таму години наназад и немаше никакви проблеми. Се двоумев затоа што знаев дека ќе се врати ракометот во Битола за многу брзо, го проценив тоа, но сепак одлучив да одам во Бешикташ. Ако останев во Битола мислам дека и денеска ќе бев дел од овој сега, силен Еурофарм Пелистер. Во Бешикташ почна да ми паѓа и формата и кариерата и почнав да размислувам за што и како понатаму после ракометната кариера. Затоа велам тоа беше погрешен чекор. На ЕП 2018 во Хрватска, сопственикот на Ратинген со уште неколку луѓе дојде во Загреб за да гледаат натпревари и беа во хотелот за да се видат со Ацо. Се запознавме со нив и јас како на шега му велам на Ацо – преговарај за следната сезона. Бидејќи тогаш бев уште професионалец и Ацо некако со неверување го прифати тоа и подоцна разговаравме и јас му велам сериозен сум, сакам да пробам. Диви (Петар Ангелов) веќе беше таму и се договоривме. Кога дојде понудата од Ратинген веќе размислував за тоа што и како понатаму, си реков ако не сега за две години ме чека вакво нешто и морав да мислам и на семејството, сигурноста е многу важна. Имав поддршка од сопругата Билјана и одлучивме да одиме во Германија, може тогаш делуваше како прерано, но од денешна гледна точна тоа е правилен потег.“

НА БРЕСТОВАЦ НЕ МУ ТРЕБАВ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Година дена подоцна, односно по СП 2019 во Данска и Германија, Филип Лазаров тивко се повлекува и од националниот тим и со тоа става крај на 14-годишната репрезентативна кариера.

„По заминувањето на Раул (Гонзалез), Данило Брестовац ја превзема селекторската позиција и за квалификацискиот двомеч со Исланд ми се јави и ми кажа дека сака да ги проба младите. Нас постарите (поискусните) не планирал за на лето, во јуни кога ќе мора да се победи – тоа беа неговите зборови. Но, со победата во Исланд пласманот на ЕП беше веќе дефинитивен. Јас му реков, нема проблем, како мислиш, така! Тогаш веќе играв и во Германија, бев полупрофесионалец, свесен за мојот статус и не можев да барам нешто. Факт е дека таа сезона играв одлично, бев во добра форма и бев главен играч во Ратинген. Како го победи Исланд не му требав на Данило, не се ни јави, ниту јас форсирав нешто. Среќен сум што имаме млади играчи, смената на генерации мора природно да дојде. Покажаа момците некои добри игри со Данило на почетокот, дали тоа беше како што кажа и Киро тогаш, работата на Раул или беше негова, подоцна се покажа дека имало вистина и во зборовите на Кире. Да бидам искрен јас не сум калибар на играч без кој не се може, никогаш не сум ни бил, како Киро или Миркуловски. Потоа во јуни воопшто немаше ни контакт, тој форсираше млади играчи и тоа беше тоа.“

КИРО Е ГАРАНЦИЈА ЗА УСПЕХ!

Неполна година неговиот брат Кирил Лазаров е селектор-капитен на најдобрите ракометари. Филип открива дека Кире се консултирал со негов при изборот на стручниот штаб, но засега, нема амбиции да биде дел од него. Со оглед на тоа дека беше во Скопје во неделата на ЕХФ проследи и еден-два тренинзи на репрезентацијата.

„Со Киро многу разговаравме на таа тема, не за јас да бидам во тренерскиот тим, туку кој да биде во стручниот штаб. Пред да донесе одлука, се консултираше по тоа прашање. Познавајќи го Киро не само со мене, сигурно со уште десетина други луѓе затоа што тој е таков – сака да слушне и друго мислење пред да донесе конечна одлука. Кога разговаравме ми наброја десет луѓе и јас му кажав што и како мислам. Најмногу го интересираше за Јоновски затоа што бевме заедно во Ратинген, за Жути (Миркуловски) исто така бидејќи ми е цимер и другар 15 години. Мислам дека има одличен стручен штаб. Жути се уште тренер – играч. Бранче веќе со Мастер Коуч диплома, Ацо си работи како тренер веќе некое време и најважното е дека сите се вредни. За Киро не правам муабет – го знаеме 24/7 за ракомет. Тој ќе проба сè, ако останало нешто што не успеал да го направи како играч, да го направи како селектор. Треба малку и време, но главното е во играчите, мора да дадат малку повеќе. Едни се млади, другите постари, едните вака, другите така. Не се знае од кој се чека да повлече. Мора да се најде некој да повлече, другите да следат. Ќе биде тешко во почетокот, но само со работа може да се стигне до успех. Познавајќи го Киро, поддршката која ја има и од стручниот штаб и од Федерацијата, не можам да проценам дали успехот ќе дојде порано или подоцна, но тој е гаранција за успех! Верувам дека ќе даде сè од себе за да го пренесе тука. Одново, сè ќе зависи од играчите. Тие треба да се самите свесни дека ако сакаат да го задржи репрезентацијата тоа ниво кое го имала изминативе десет години треба да дадат малку малку повеќе.“

СЕ НАВИКНАВ ДА СУМ „ГЛАВЕН ВИНОВНИК“

Кога веќе зборуваме за националниот тим, факт е дека Филип Лазаров долго време беше мета на критики на македонската спортска јавност без разлика дали ќе одигра добар или лош натпревар.

„Последните неколку години не, но на почетоците – да, постојано бев ’главен виновник’. Мислам дека се почна од СП 2009 во Хрватска, тогаш настана некој хаос… Ама и сега гледам истото се повторува – она низ што поминав јас сега му го прават на Филип Талески. Колку и да игра добро, освен новинарите што ќе го спомнат, пет гола-шест гола, добра партија, никој друг. Кога ќе ги погледнете коментарите на социјалните мрежи под текстот се ‘плукање’ и само се чека кога е лошо. Истото и за Кузмановски, Велковски… нашата публика има многу високи цели, немаме реална слика. Навикнати се на она што било од порано и си сакаат да зборуваат луѓето. Го имав тој проблем долго време, но како поминуваа годините како добивав на искуство, отрпнав и кога станав член на Вардар и капитен тоа некако се намали, а откако дојде Раул почнав да играм особено добро, имав своја улога и беше добро“, прави споредба Филип.

ТЕШКО БЕШЕ ДА ГО НОСАМ ПРЕЗИМЕТО ЛАЗАРОВ

„Голем удел во тоа имаше и фактот дека Киро ми е брат. Цело време сите имаа мислење дека Киро ме влече. Кого и да прашаш и репрезентативци и тренери, поранешни селектори, не верувам дека ќе се најде некој што ќе каже ‘Е тогаш Киро да не беше, Фичо немаше да биде’, 90 посто од нив имаат спротивно мислење. Повеќе ми било лошо од добро тоа што Киро ми е брат. Во некои моменти не сум можел да го дадам она што сакам и можам од притисокот кој тој ми го правел и од неговото однесување кон мене, за јас да дадам повеќе и за да им се покаже на другите спротивното дека не сум во репрезентација поради него. Јас во ниту еден момент не сум мислел дека сум некаде затоа што е Киро. Дури мислам и дека Металург на полусезона кога ме отпушти тоа беше поради кавга Лино и Киро и некои други ситуации… Дури некогаш и сум трпел поради тоа што ми е брат, но тоа е минимално во споредба со тоа колку совети сум добил и колку сум имал пример за тоа како треба да се тренира, да се работи за да напредувам и да бидам професионалец.“

Тешко беше да го носиш презимето Лазаров?

„Да, на почетокот беше многу тешко.“

Неколкумина претходни соговорници, но и самиот Кире има изјавено дека ти си бил поголем талент од него, но тој бил поупорен.

„Вистина е, но ние сме разлика пет години и нашите кариери се развиваа во различни периоди и насоки. Нему во прилог му беше тоа што замина во Битола и на 18-19 години веќе градеше интернационална кариера. Јас повеќе се држев во домашен круг. Веројатно тоа е и карактерно.“

КУП ТИТУЛАТА СО „КРПЕН“ ТИМ НА МЕТАЛУРГ ЕДНА ОД НАЈДРАГИТЕ

Филип Лазаров како играч беше дел од најубавите години во македонскиот ракомет и еден од играчите кои ја испишуваа историјата на големото ривалство меѓу Металург и Вардар. Само една година ќе биде надвор од тие случувања кога на инсистирање на Кире ќе замине за Унгарија.

„Бев во Металург кога ја освоивме првата двојна круна на Јовица Цветковиќ и можев да останам во клубот, но Киро инсистираше да одам во Унгарија. Тоа е последната сезона на Кире во Веспрем. Јас потпишав договор со Веспрем, тие ме плаќаа, а играв како позајмен играч за Плер во Будимпешта. Бев во тим со Мате Лекај и Балог Жолт, супер екипа, бевме заедно една полусезона, а потоа Веспрем ја прекинаа соработката со нив и со Жарко Марковиќ отидовме во Татабања. Паметам во некоја рана фаза осминафинале или четвртфинале од Купот на Унгарија го елиминиравме Сегед и тоа во Сегед. Тоа беше шок тогаш, затоа што се знаеше Веспрем и Сегед играат за титула. Се појавивме ние од некаде (се смее) и кога ги победивме му се јавувам на Киро и му велам ’Спремај пола премија’ (се смее), а тој со неверување ми вели ’Како ги победивте?’. Кога замина Кире од следната сезона во Загреб и не го продолжи договорот со Веспрем, немаше логика и мојот да се продолжи. Татабања сакаа да ме задржат, но со 40 посто помала плата. Во меѓувреме се јавија од Металург, Јошко Петковиќ дојде за тренер, понудија убави услови и се вратив дома. Следната сезона дојде Звонко Шундовски за тренер, таа година ја загубивме титулата, но освоивме Куп. Паметам, Вујо не зезна! Вардар имаше неколкумина заразени со сипаници и ни го одложија натпреварот за три недели. Во меѓувреме ни се повредија Ванчо (Димовски), Маљцев и Шмигиќ и останавме без титула. На крајот на сезоната и Купот го игравме осакатени, ама Господ гледа, и ги победивме. Вардар беше во фул-состав, ние со крпен, тогаш дојдоа Столе и Џомба – деца и освоивме Купот. Тоа ми е една од подрагите титули.“

ЛИНО ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЈА ИЗБРКА ЦЕЛА ЕКИПА

„Потоа дојде Лино Червар и ја избрка цела екипа. (се смее) Ако ја погледнете сликата од сезоната кога го освоивме Купот, за две години освен Мите Стоилов и Филип Миркуловски сите други играчи беа сменети, избркани. Првата сезона со Лино освоивме двојна круна, а на втората на полусезона и мене ми дојде редот да си одам. Реков претходно дека поради конфлик меѓу Лино и Киро си одам ама ниту едниот, ниту другиот не ми го кажал тоа директно. Така коментираа сите други околу. Интересна ситуација – ми се јавуваат од управата и ми викаат Лино дојде и ни кажа дека не му требаш повеќе. Зборувам со Киро и тој ми вели ’Оди на тренинг, имаш договор! Појави се’. Одам на тренинг, ме гледаат сите, соиграчите среќни, ама Лино ме тргна на страна и ми вели ’Разговарав со управата 100 пати. Супер дечко си, добар играч, мене не ми сметаш, ама не можам ништо да сменам.’ И тука сфатив ’колку е саат’ и барав решение долго време. Отидов во Пелистер кај Звонко Шундовски една полусезона, Металург продолжи да ме плаќа. Тоа беа интересни четири месеци, со интересна екипа – Зарков, Димитровски, Везенковски, Тосковски беше голман… Дотогаш Битола беше мртва, ама ние направивме некој резултат, одигравме дома нерешено со Вардар и потоа РФМ одлучи и Купот да се игра во Битола. Паметам ние со Борец во полуфинале, а Металург против Вардар. Игравме финале со Металург, тие изразен фаворит, уште претходната вечер славеа Куп-титула по кафулињата. Почнува финалето на полувреме водиме 14-9! (се смее) Паузата на полувремето траеше подолго бидејќи во Битола даваа плакети на некои легенди. Кај Металург паника, притиснаа малку и на судии и загубивме со два разлика. Тешко ми падна тој пораз, сакав да го победам и Металург и Лино, иако земав плата од нив.“

ВУЈО МИ ЈА СПАСИ КАРИЕРАТА

„Веселин Вујовиќ следната година дојде во Вардар и ми беше голема чест кога Михајло ми се јави да ми каже дека ме сакаат во екипата. Вардар е голем клуб, на времето и татко ми играл за Вардар и без размислување прифатив. Со Вујо поминавме турбулентни години, но факт е дека многу ми помогна! Вујо кога ме зема во Вардар почнав да градам свое јас како ракометар. Претходно како помлад повеќе ме врзуваа со Киро, а кога стапнав во Вардар, Вујо никогаш не ме споредуваше со Киро, ниту го спомнуваше, додека со Лино беше друго, тие се знаеа претходно од Загреб. Вујо ми ја спаси играчката кариера“, потенцира Филип и продолжува: „Со Вујо никогаш не беше досадно – тој е тренер, другар, знае да те кара и да ти биде и брат и татко. Лошо е, па добро е, падни – стани! Ќе си одам, па ти ќе си одиш, не може веќе да бидеш капитен, не! ќе бидам (се смее). Можеш да го победиш Кил и можеш да загубиш од Струмица или како што сега загубија од Еурофарм Пелистер 2. Со Вујо минав едно ниво, а потоа кога дојдоа Самсоненко, па Раул, тоа веќе беше друго ниво. Благодарен сум на Михајло што е голем господин, кога му го предаваше Вардар на Сергеј ми се јави и ми рече Филип да ти кажам ваква е иднината на клубот, ти остануваш тука како капитен – многу значи тој гест…Што се однесува до Раул, со него играв секогаш добро и во Вардар и во репрезентација. Тој перфектно ми најде место, знаеше што можам и што не можам и ми даваше точно колку што заслужувам минутажа и точно позиција што можам да ја играм. Тој ме водеше и со него бев секогаш позитивен. И другите гледаа колку добро функционирам во тој негов систем.“

ЖАЛАМ ШТО СО БРУМЕН И ТОСКИЌ НЕ БЕВМЕ ВО ТИМОТ КОЈ ОСВОИ ЛШ

Филип Лазаров од Вардар заминува летото 2016, односно пред сезоната во која екипата ќе ја крене европската титула во Лигата на шампионите во Келн.

„Ми завршуваше договорот со Вардар, но имав усмен договор со Самсоненко дека останувам. Требаше деталите да ги средам со Давор (Стојаноски) но кога отидов на состанок со него – договор нема. Добив само објаснување дека прават некои кратења и дека нема да сметаат на мене следната сезона. На 9 јуни, по пет години поминати во клубот и на тој начин да заврши сè – дури и сега ми паѓа тешко кога се потсетувам. Се обидов да го контактирам Самсоненко, но не ми одговори на повиците и сè ми беше јасно. Навистина жалам што не бев дел од тој тим што ја крена титулата во Лигата на шампионите во 2017-та во Келн. Недостасувавме само јас, Тоскиќ и Брумен во тој тим! Тој Ф4 не бев во „Ланксес“, но затоа отидов на следните два. Втората година Стоилов ми го подари дресот, а во 2019 бев ВИП гостин на Вардар и толку се радував на таа титула за нив – ја заслужија!“

САМ МУ СЕ ПОНУДИВ НА ВУЈО ЗА ПОМОШНИК

Последната конекција меѓу Филип Лазаров и Вардар беше тоа што Веселин Вујовиќ го побара да му биде помошник тренер на клупата. Интересно е што Филип открива дека всушност тој  му се понудил на Вујо.

„Морам да признаам дека тоа беше на мое инсистирање. Кога дознав дека Вујо се враќа во Вардар му пишав на Фејсбук ’ми ја спаси играчката кариера, сега мораш да ми помогнеш и во тренерската’. Тој ми одговори ’чекај мајсторе, полека, како е во Германија, што се случува, зошто??? Дали би се вратил во Македонија, не би се вратил?’. Му пишав ’единствено поради кое би се вратил во Македонија е Вардар и да бидам твој помошник.’ Ме фати носталгија и мислев дека можам да му помогнам на Вујо, со кој имаме и слични сфаќања за ракометот и сам му се понудив. Тој го прифати тоа и дури ме изненади кога јавно го кажа тоа и тогаш си велам ова веќе не е шега. Ми пиша дека Михајло ќе ме бара и додека да се јави Михајло, мене ме фати некој страв, паника, си велам што направив! Кога ми се јави Михајло зборувавме за каков е животот во Германија, но и разговорот повеќе водеше на тренер во млади категории и да ги тренирам играчите кои ќе останат во Скопје додека првиот тим е на пат. Зборрувавме искрено, отворено за се и кога му кажав за животот во Германија ми рече: ’Фичо да ти кажам искрено, јас да сум на твое место не би се враќал.’ Требаше две недели подоцна да дојдам и во Македонија и да се видиме и лично, но сплет на околности не се вратив во Скопје и ден денеска знам дека ако се случеше таква средба, ќе прифатев да дојдам во Вардар. Реално не сум подготвен, во Вардар има притисок, играат Лига на шампиони, Вардар е ниво. Не може да дојдеш во Вардар и да учиш, треба да бидам подготвен и да можам да му помогнам. Се залетав… Се надевам дека ќе имам шанса во иднина, бидејќи Вардар ми е во срцето и за него секогаш ќе сум тука.“

МОМЕНТ ЗА ПАМЕТЕЊЕ – РЕСТАРТОТ ВО БЕЛГРАД НА ЕП 2012

Кога ќе ја погледне наназад својата кариера Филип има многу моменти на кои се потсетува со многу емоции, но ниту една не може да се спореди со онаа во Белград на Европското првенство во 2012 година.

„По поразот од Данска на ЕП во Србија бевме мртви, не знаевме каде се наоѓаме. Четири натпревари одиграни претходно, нè уби голот во последната секунда… Нè чека натпревар со Полска, влегуваме во салата во Белград и околу четири – пет илјади Македонци во неа на сите страни на трибините. По загревање се враќаме во соблекувална и Алушовски ни читаше нешто за мотивација и додека чита на врата се појавува тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов. Само што пристигнал во Белград и сакал да нè поздрави пред натпреварот. Потоа кога излеговме на теренот сите навивачи беа организирани на едно место и кога ’грмна’ во сала ’Македонија, Македонија’ се знаеше дека нема губење повеќе. Го освоивме петтото место. Толку силен рестарт не сум почувствувал. Во тие десетина минути не знам што ни се случи – доаѓањето на претседателот, публиката која не крена, ни даде таков ветер во грб за да стигнеме до тој успех. Се рестартравме, вративме од мртвите и го направивме најголемиот успех – морници ме лазат и денеска.“