ИНТЕРВЈУ МАРТИН ВЕЛКОВСКИ: За брат ми и Македонија ќе навивам со полно срце!

Двајца браќа – Мартин Велковски (24) ракометен репрезентативец и Дарко Велковски (25) фудбалски репрезентативец испишуваат историја на македонската спортска сцена. Десниот бек на Еурофарм Пелистер беше дел од најуспешната генерација, онаа која на СП 2017 во Алжир стигна до шестото место и се запиша како селекција која го направила најголемиот успех во екипните спортови. Неговиот брат, интернационалецот во редовите на Ријека, како дел од У21 за првпат обезбеди пласман на едно Европско фудбалско натпреварување, а денеска одново пишува историја со А националниот тим во премиерата на еден континентален собир во сениорска конкуренција.

Денеска спортските кариери Мартин и Дарко си ги градат посебно и индивидуално, но интересно е дека Мартин (како помал) ги следи стапките на неговиот брат. Дарко прв влегува во спортски ’води’ и тоа во ракомет, потоа тренира и кошарка, но е премлад и нема своја генерација, за на крајот местото да си го најде во фудбалот. Поточно во Македонија Ѓорче Петров од каде тргнува неговата кариера.

Мартин го следи, почнува со кошарка во Карпош Соколи, но за кусо време се преориентира на ракомет во школата на Металург водена од Владко Неделковски. Потоа станува дел од селекцијата 96/97 која ќе ја води Александар Јовиќ во Академијата на Металург (таа генерација се спојува со онаа на Борјан и Бојан Маџовски, Мартин Манасков, Жарко Пешевски… и се формира Металург Јуниор)

Квалитетот си доаѓа до израз, па Мартин е дел од сите младински селекции, од турнирите во Бугојно за пионери, преку кадетите, па до младинците со кои има настап и на ЕП и на СП, за во 2017 година во квалификациите за ЕП 2018 во Хрватска да биде првпат во состав на А тимот. Паралелно и Дарко ја гради клупската и репрезентативна кариера. На клупски план се сели во ФК Работнички, па од таму во ФК Вардар, пред да се одлучи на градење интернационална кариера во хрватска Ријека. Минува низ сите филтри У17, У19, У21, додека дебито меѓу сениорите го има во јуни 2014 година на пријателски меч со Кина.

„Брат ми спортската кариера ја започна со ракомет, тренираше малку и кошарка, но се пронајде во фудбалот. Јас, пак, почнав со кошарка, но во ракомет го најдов моето место“ – се смее Мартин Велковски и продолжува: „Дарко е постар, но паралелно ни се развиваа и клупските и репрезентативните кариери.“

Мартин и Дарко се можеби единствените браќа кои се одлучуваат да одат по различен спортски пат, и иако едниот е во Хрватска, а другиот во Битола се трудат секогаш да си бидат поддршка еден на друг.

„Одбравме различни спортови и факт е дека секој е на своја страна. За жал немаме ниту време, ниту простор за да поминеме квалитетно време заедно, никогаш не ни се совпаѓаат слободните периоди во годината. Фудбалерите се активни летно време, нас во зима ни се првенствата и многу ретко имаме шанса да се видиме и тоа ни е голем проблем. Но, морам да потенцирам дека е гордост во семејството да имаш не еден, туку двајца успешни спортисти, репрезентативци и си се радуваме меѓусебно на успесите и се поддржуваме. Си ги следиме кариерите, среќен сум кога одиграл добар натпревар, па се фалиме по социјалните мрежи (се смее) горди сме еден на друг. Да бидам искрен повеќе се нервирам за него отколку за себе и мислам кога има нешто добро или нешто лошо… нормално како браќа се чуваме.“

Кој на кого му е поголема поддршка? Навивате ли еден за друг од трибини?

„Малку е потешко да си поддршка кога сме далеку еден од друг, а и секој има свои обврски. Дарко не може да дојде кога играм на ЕП или СП, првенствата се во јануари, а тие веднаш по Нова Година имаат собири и одат на подготовки. На клупски натпревари бил на трибини. Паметам, кога јас играв во Металург, а тој во ФК Вардар со мој дрес дојде на натпревар од Лигата на шампионите и по порталите се појави негова слика во дресот на Металург, и знам дека потоа соиграчите се шегувале со него, вардарец, кој се шетал со ’сино-бел’ дрес.“ (се смее) “Во Хрватска не сум бил да гледам некој натпревар. Единствено по операцијата на тетивата отидов една недела за Велигден кај него, бевме заедно со девојките и толку. Кога имал настапи со репрезентација и кога сум бил во Скопје (без обврски) сум бил на трибини. Пет-шест натпревари со А селекција, неколку натпревари и во младинска конкуренција… Јас повеќе го бодрам и сум гледал повеќе негови натпревари отколку тој мои! (се смее) Но така се случува, јас да имам простор и време. Ќе го бодрам и сега, на двата натпревари во Букурешт, во Амстердам не одам (а не е ни дозволено). Одам сам со девојката и јас ќе бидам претставник од семејството на трибините (се надевам дека нема да бидам позитивен на ковид-19, се смее) Се радувам што ќе бидам дел од еден таков важен историски момент и за него, но и за Македонија и целата нација. Истовремено чудно ми е! Првпат по многу години да немам обврски со репрезентација во јуни (со оглед на тоа дека квалификациите се завршија во мај)“

ОДЛУКИТЕ СЕ ИНДИВИДУАЛНИ

Интересно е дека Мартин и Дарко не се консултираат меѓусебно за одлуките кои ги носат во своите кариери. Времето кое го минуваат заедно го посветуваат на приватни теми и семејството.

„Свесни сме дека малку се гледаме и затоа се трудиме квалитетно да се дружиме кога сме заедно. Максимално го користиме секој момент и да бидам искрен многу малку зборуваме за спорт. Не се консултираме многу, одлуките во кариерата си ги носиме индивидуално, секој си ја гледа својата работа. Спортски проблеми, теми за навивачи, клубови, публика… сами си решаваме. Се обидуваме што може помалку да се заморуваме со тоа. Дарко дури воопшто не посветува внимание, јас може малку повеќе се заморувам, иако во последно време и јас почнав да се ’исклучувам’. Најпаметно е се да се стави на ’игнор’, секогаш ќе има некој на кој нешто ќе му смета и (по)голем е бројот на луѓето кои сакаат да критикуваат отколку на оние што ќе ти упатат честитки. А, и толку малку време имаме за да бидеме заедно што верувајте спортот е на минимум, а приватните теми се главни. Замислете ние, за жал, никогаш не сме биле повеќе од ден-два заедно, на одмор или на викенд. Дури и во таква ситуација секогаше сме со друштво или со девојките.“

ВО БИТОЛА ДОБИВ ПРОСТОР ДА СЕ ВРАТАМ ПО ПОВРЕДАТА

Мартин Велковски е дете на Металург и во „Автокоманда“ порасна, дебитираше и во Лигата на шампионите, но за жал последната сезона во ’сино-бел’ дрес нема да ја памети по убаво – ја повреди Ахиловата тетива и мина долг процес на рехабилитација. Кога одново се врати во игра, тоа беше во редовите на Еурофарм Пелистер.

„Пораснав во Академијата на Металург, преку Металург Јуниор и првиот тим, а по завршувањето на договорот и со оглед на целата ситуација во клубот одлучив да заминам. Имав понуда за трансфер во Шпанија, но ја одбив најмногу поради фактот дека се враќав од повреда и не бев подготвен да заминам. Ми беше потребно и време, а Еурофарм Пелистер не ме брзаше во процесот на рехабилитација. Потпишав договор на четири години (фудбалерски договор – се смее). Стевче Алушовски ми остави доволно простор, прв натпревар одиграв дури во ноември, сигурен сум дека во странство никој немаше да ме чека толку долго за да се вратам во игра. Потоа Стјепановиќ скина предни вкрстени лигаменти, и јас и Михаил Петровски останавме десни бекови и делевме минутажа. И сезонава не смеам да се пожалам! Бабиќ е тренер кој сака да ротира цело време, сака да дели минутажа. Кај него како тренер сите помалку или повеќе добиваат шанса, барем на мојата позиција и лично сум задоволен затоа што не се случило сезонава на некој натпревар да останам на клупата.“

„Најмногу понуди и разговори со менаџери имав по ЕП 2018 во Хрватска, но тогаш од повеќе причини, уште бев млад, бев под договор со Металург и можеби и можев да заминам, ми должеа плати, но некако не е се во спортот само да отидеш некаде да земеш пари, има и приватен живот и семејство.“

СО БРАТ МИ МНОГУПАТИ СМЕ БИЛЕ ПОТЦЕНУВАНИ

На Европското првенство во Хрватска, во јануари 2018 година Мартин Велковски го има и првиот официјален настап на сениорскиот национален тим. Буквално беше „фрлен в оган“, бидејќи го замени капитенот Кирил Лазаров по повредата во најважните натпревари на тоа првенство.

„Ивица Обврван е првиот селектор кој ме повикал на подготовки со А националниот тим, додека Раул Гонзалез прв ми даде шанса на ЕП 2018 во Хрватска. Јас бев замена за Кирил Лазаров, а непланирано и принудно добив шанса во најтешките натпревари. Капитенот се повреди на првиот меч против Шпанија во главната рунда. Паметам со оглед на тоа дека не добив простор во натпреварите од групната фаза, не ни очекував да влезам против Шпанија. Кире се повреди околу 15-тата минута и јас влегов место него. Во тој момент воопшто не чувствував страв затоа што не ни бев свесен што се случува. Јас кога влегов во игра веќе имавме негатива од пет-шест разлика и Шпанија беше многу подобра од нас и не зависеше ништо од мене. Знам дека постигнав два гола на тој натпревар. Но, пред Чешка кога бев свесен дека ќе играм имав голем притисок. Тој натпревар беше многу важен, можеше да ни донесе и полуфинале. Згора на тоа знаеме сите македонската јавност каква е со коментарите, а по дебито со Шпанија добив многу ’честитки’ во стилот на ’дечко откажи се’, ’каде ќе играш ти ракомет!?’ итн и тоа дополнително ми донесе нервоза, но и мотивација и затоа можеби тоа беше мојот најдобар натпревар во националниот дрес. Никогаш или можеби јас така чувствувам со брат ми не сме биле омилени! Сме биле потценувани и јавноста многу многу не не сака. Паметам дека и за него имаше многу негативни коментари, иако се случувало кога бил повреден и не играл за Ријека, да дојде и да игра за репрезентација… Но, сега е поинаку, фудбалерите се херои, ќе играат на ЕП и сега сè е добро.“

ЛАЗАРОВ НЕ ПОДГОТВУВА ТАКТИКА ЗА ПОЗИЦИЈА, ТУКУ ЗА ИГРАЧ

Откако Кирил Лазаров е во функција на селектор – играч добива повеќе простор за игра и ја дели минутажата токму со капитенот. Но клучниот фактор е што сега во репрезентацијата не се подготвува тактика за позиција, туку за играч.

„Полека го наоѓам местото во тимот, порутински доаѓаат работите, самодовербата е голема, фокус на задачите кои ги добиваш… и она што е добро, а мислам дека и Кире како селектор го чувствува и така нè комбинира – мене, Талески, Кузмановски и Пешевски на пикер. Ние четири години бевме соиграчи во Металург, се познаваме добро, добро функционираме, растевме заедно и се знаеме, како што Кире претходно се знаел со Миркуловски и Мојсовски, така и ние иако сме сите во различни тимови, кога играме заедно знаеме кој каде се движи, кој што ќе направи.“

Што е она што Лазаров го прави поразлично од другите селектори?

„Многу ротира, им дава шанса на сите и има добар тим околу него со кој заедно работи и подготвува тактика. Препознаваат кој какви карактеристики има од играчите и им даваат такви улоги во играта, и тоа е многу важно. Се ни е детално презентирано, ти дава некоја задача кој очекува дека ќе ја исполниш и истовремено ни дава некоја сигурност, самодоверба. Се знае кој шутира, кој напаѓа ’еден на еден’, кој каде игра во одбрана и кога го имаш сето тоа, сакаш да го дадеш најдоброто од тебе и да ги исполниш очекувањата. Кире те препознава и си има одредена акција за тебе, се знае кога се игра за тебе, кога се игра за друг и се што прави се знае конкретно, индивидуално. Тактиката кај него не се подготвува за позиција, туку за играч. Да не играш нешто што не ти одговара. Претходно на пример се очекувало од десниот бек да го прави она што го прави Лазаров, но нашиот стил на игра не е ист и не се сите Кире! Тоа секогаш било проблем, може и на првенството кога се повреди тоа, сите очекуваа дека и јас како него треба 10 гола да дадам, но јас не сум Лазаров. На пример, не може Кире да влезе и да игра она што јас го играм, игра она што нему му одговара. Можеби затоа за толку кратко време таква промена се случи во репрезентацијата. Кај Кире секој добива задачи според своите карактеристики.“

Но она на што ќе мисли Мартин следниве десетина дена, не е ракометот, туку фудбалот и настапот на неговиот брат Дарко на ЕП во Букурешт.

„Сега комплетно ќе уживам во фудбал, во играта на репрезентацијата и ќе навивам за брат ми и за Македонија со полно срце“ – завршува Мартин Велковски.