ИНТЕРВЈУ ЕЛЕНА ЃОРГИЕВСКА: ЕП 2022 може да биде круна на мојата репрезентативна кариера

Еден од главните столбови на женскиот национален тим, Елена Ѓоргиевска со години наназад работи и се бори за тоа женскиот ракомет да се врати на нивото на кое беше во времето кога таа почнуваше да тренира. Капитенката на дамите сака да верува дека миксот на младост и искуство, заедно со страста и методите на селекторот Љубомир Савевски ќе донесат нови, подобри денови за женскиот ракомет. Нејзината љубов кон играта, искуството кое го собира скоро две децении несебично ги дава за репрезентацијата, затоа што националниот дрес е нешто свето за неа. Нема да има посреќна ракометарка од неа доколку на ЕП 2022 како домаќин, Македонија го обели образот и ќе и овозможи достоинствено да ја заврши репрезентативната кариера.

Поради нејзиниот татко, Новко Ѓоргиевски, кој бил поранешен ракометар, тренер и селектор на женска младинска репрезентација, Елена и нејзината повозрасна сестра Душица (исто така интернационалка и долгогодишна репрезентативка) влегуваат во ракометните води. На шега вели „родени сме во сала со сестра ми“. Од седум годишна возраст почнува активно да тренира во родната Струга, а веќе на 14 години како млад талент влегува во проектот Еуростандард (втората екипа на Кометал Ѓорче Петров). Година дена подоцна е прекомандувана во првиот тим, каде останува се до последните денови на Кометал. Година дена ќе биде дел и од проектот клуб-репрезентација на Металург, а на 20 години и се исполнува сонот – потпишува за тогашниот европски вице-првак Будуќност. Во Подгорица Елена ќе го живее сонот. За три сезони ќе игра двапати во финалето на Ф4 во Будимпешта, а уште во првата година ќе го крене европскиот трофеј. Во интернационалната кариера која ја гради 11 години уште ќе настапува и за Баја Маре, Фехервар, Крајова, Подравка, а последниве сезони е дел од романска Магура.

Популарната Бачко, која го добива овој прекар од рана возраст, вели: „бев полничка, набиена и лута“ (се смее) ќе заигра за А националниот тим на СП 2005, а на СП 2007 на 16 ипол години ќе добие шанса од актуелниот селектор Љубомир Савевски. Савевски ќе и биде тренер и во Кометал Ѓ.П. па од таму за неа одлично е познат пристапот и начинот на работа на овој стратег, со кого, по пауза од една деценија, одново со здружени сили ќе се обидат да направат нешто добро за македонскиот женски ракомет. Елена силно верува дека по сите овие години, конечно, ќе се случи долгоочекуваниот блесок во женскиот ракомет.

„За да направиш резултат потребна е работа, дисциплина и борбеност. Цевак (Љубомир Савевски) е еден од ретките тренери чии основни принципи се тие – дисциплина и работа. Воопшто не е сменет, го паметам како многу строг тренер, а таквите методи и начини на работа ги има и денеска. Tоа е потребно за да се направи играч. Искрено ми е драго што му се врати на ракометот затоа што тој е голем вљубеник во ракометот, работник и може да се види дека комплетно е посветен на девојките. Особено овие младите кои ги предводеше летово. Создаде семејство! Во А тимот сега имаме десет кадетски и младински репрезентативки и се чувствува хемијата која ја има меѓу нив, начинот на кој тие се бодрат една со друга, се поддржуваат како сестри, а тоа е многу позитивно за екипата. Мислам дека со работата и новитетите женскиот ракомет има светла иднина.“

Неполна недела репрезентацијата е заедно, одигравте само еден натпревар со Црна Гора, а промените веќе се чувствуваат?

„Времето е кусо навистина, но се чувствуваат промени. Комплетниот систем е сменет. Има хиерархија, атмосфера која ние девојките ја градиме долго време, плус ред, дисциплина, работа. Цевак постави негов систем, но истовремено ти дава и слобода. Да бидеш креативен, да одиграш акција која мислиш дека одговара на поставеноста на тимот во даден момент, остава простор да се чувствуваме една со друго. Со него можеш да зборуваш за ракомет како со најдобар пријател и се надевам дека до ноември следната година многу работи ќе се сменат. Ние поискусните ракометарки се обидуваме да му помогнеме и нему и на помладите кои доаѓаат во тимот, во кои се вложува и од кои се бара што побрзо да се адаптираат во А селекцијата. Кога станува збор за националниот тим секоја од нас дава сè од себе! Затоа што не е исто кога играш за клуб и кога играш за државата, кога го носиш националниот дрес. Националниот дрес е вреден, свет, емоцијата е поинаква, а секој меч е различен. Ова го велам од лично искуство, но истовремено ве уверувам дека сите го делиме истото чувство. Тоа не се опишува со зборови.“

 

ЕП 2022 Е ЧЕСТ И ПРИВИЛЕГИЈА ЗА СЕКОЈА ОД НАС

Македонија има една година до Европското првенство 2022 на кое ќе биде домаќин заедно со Црна Гора и Словенија и на кое се враќа на големите натпреварувања по пауза од една деценија. Со сите промени кои ги има во националниот тим ќе бидете ли подготвени до тогаш?

„Целта, која репрезентацијата ја има со години наназад е тоа Европско првенство. Многу години градевме (и со претходниот селектор Симе Симовски) и сега со Савевски градиме и работиме на тим, кој ќе блесне. Верувајте ми, секоја од нас сака да го даде најдоброто од себе и да покаже дека женскиот ракомет има светла иднина. Со нетрпение чекаме! Се мачиме толку долго за да се најдеме на едно големо натпреварување. Сакаме да размислуваме позитивно и се надеваме дека може со вајлд-карта ќе успееме да се најдеме и на СП во Шпанија во декември, кое ќе значи многу за нас. Да почувствуваме како е да се биде дел од големо натпреварување пред ЕП 2022 во Македонија. Знаете која чест и привилегија е тоа? Колку значи за нашето достоинство и за работата и за сè низ што минавме претходно. Секоја од нас е желна да заигра на едно ЕП или СП, а ние ќе можеме уште и да играме пред домашната публика. Желбата и целта е да направиме добар резултат со кој ќе ја разбудиме одново страста за женскиот ракомет во Македонија“, децидна е Елена Ѓоргиевска.

Елена веќе 16 години го носи националниот дрес, а со оглед на тоа дека е најискусна во тимот, голема е веројатноста на ЕП 2022 да ги одигра последните натпревари за Македонија.

„Веќе половина година размислувам на таа тема. Годините, но и здравјето се главен фактор, потребен ми е поголем одмор. Секогаш ќе бидам на располагање за репрезентацијата, но размислувам на тоа, да се простам. Доаѓаат нови генерации, треба помладите да добијат простор, а и мислам дека Сара Ристовска заслужува да го превземе моето место (капитенската лента). Емоции ме напаѓаат кога ќе помислам на тоа. Неодамна се шегувавме со Тања Андрејева, која е постара од мене и мој поранешен соиграч, колку брзо лета времето, па ете, дојде и моето време за да кажам доста е! Но, имам доволно време до ЕП“, низ смеа вели нашата репрезентативка.

ТРАНСФЕРОТ ВО БУДУЌНОСТ Е ИСПОЛНУВАЊЕ НА СОН

Пред да мисли за крај Елена Ѓоргиевска ја вратив на почетокот на интернационалната кариера и големиот трансфер кој го прави на неполни 20 години кога потпишува за тогашниот европски вицешампион, Будуќност. За другите во тоа време идол е Индира Кастратовиќ, но за Елена е Бојана Поповиќ, а да се дели соблекувалната со неа била посебна привилегија.

„Паметам на сите во тоа време Индира (Кастратовиќ) им беше идол, најдобар десен бек на светот, икона! На луѓето им беше чудно, јас како левак, пак, за идол ја имав Бојана Поповиќ и Маја Савиќ, сонував да бидам како нив. Кога како млада надеж и талент ме побараа да дојдам во Будуќност, тоа за мене беше исполнување на сонот. Не можам ни да ви опишам што значеше за мене тоа што имав можност да ги наречам мои соиграчи. (се смее) Тогаш Будуќност градеа екипа со генерација 1990 од цел Балкан и јас влегов во таа селекција и минав три фантастични сезони. Неверојатни! Тоа ми е најпаметната одлука во кариерата. Добив многу на искуство, научив многу и секако, секоја ракометарка живее за такво нешто – да бидел дел од врвна екипа и да игра на Ф4 и да освои европска круна. Мене тоа ми се случи уште во првата сезона како интернационалка, ја освоивме Лигата на шампионите во Будимпешта, а потоа уште еднаш игравме и финале. Најубавите години!“, се потсетува Бачко и додава: „Многу сум благодарна на семејството за поддршката која ја имав и тогаш и сега. Татко ми никогаш не ме попречил во нешто. Неговите зборови беа ’Сама го одиш патот и затоа треба сама да го избереш’. Ме насочуваше со совети од негово искуство и со грешките кои тој ги правел, но секогаш ме остава сама да одберам што е најдобро за мене, па дури и ако тоа значи да ’се лизнам’ и да паднам.“

НЕ Е СРЕЌАТА ДА ИГРАШ ВО ГОЛЕМ КЛУБ, ТУКУ ВО КЛУБ КАДЕ ЌЕ СИ СВОЈ

По трите години во Будуќност кариерата на Елена продолжува да се развива на релација Романија, Унгарија, беше една сезона и во Хрватска (Подравка), а сега е повторно во романска Магура.

„Според мене Романија и Унгарија се едни од најсилните лиги кога станува збор за женскиот ракомет. Во периодот кога играв во Унгарија, таа лига беше можеби и најсилна. Во Романија има експанзија во жескиот ракомет, многу се вложува, секој клуб многу инвестира и ракометот е многу развиен. Сакам да сум дел од такви средини. Плус е и тоа што сум блиску до дома (се смее). Во кариерата сум имала понуди од Франција, Данска… но мислам дека тие средини, Скандинавија, не ми лежат, не се пронаоѓам во тој стил на ракомет. Знаете како јас гледам на работите – не е важно да биде голем клуб, важно е да сум среќна и да сум своја во таа средина. Може да играм и во Ѓер, но ако не сум тоа што сум, се е залудно. Можеби затоа и најмногу се задржав во Романија. Не сакам да менувам средини, а од друга страна таму имам се што ми е потребно – услови, минутажа, клуб кој ве почитува, соиграчи кои ве сакаат, а за професионалец тоа е најдобро. Се обидов, отидов во Подравка за да играм Лига на шампиони, но потоа повторно се вратив во Романија. Таа средина одговара на мојот стил.“

Елена потенцира дека има уште ракомет во неа, а кога ќе погледне зад себе и она што го изградила во кариерата досега ја прави и тоа како задоволна.

„Никогаш не велам дека е доволно, но среќна сум и задоволна од она што го имам зад себе во кариерата. Искрено, здравјето ми е секогаш на прво место, затоа што без него ништо не може да се постигне, не само во спортот, општо во животот. Уживам да играм ракомет, и не се секогаш само трофеите и медалите најдоброто. Кога ги имам сите услови кои мене ми се потребни како ракометарка, тогаш сум најсреќна.“

Десниот бек имал и понуда да биде дел и од шампионскиот тим на ЖРК Вардар, но понудата доаѓа во период кога таа е под договорна обврска со Будуќност.

„Имав понуда да бидам дел и од ЖРК Вардар, но имав уште две години договор со Будуќност кои требаше да ги одработам. Едноставно тајмингот беше таков и можеби така требало да биде, да не се вратам во Македонија“, објаснува Ѓоргиевска.

САКАМ ДА ВЕРУВАМ ДЕКА МУКАЕТОВ ИМА ВИЗИЈА И ЗА ЖЕНСКИОТ РАКОМЕТ

За Елена Ѓоргиевска главна мисија во моментов е со женскиот национален тим и улогата на домаќини на ЕП 2022 да го сврти вниманието кон женскиот ракомет, кој „тапка во место“ во последната деценија.

„Не можам да си објаснам што се случи или да посочам виновник, што женскиот ракомет од времето кога јас бев млад и надежен талент до денеска падна на ова ниво. Како одеднаш се да падна во бунар, десет клуба, цела лига да ја снема… Нивото на женскиот ракомет кај нас е многу ниско и затоа со националниот тим се обидуваме да дадеме импулс, да го насочиме интересот кон нас. Воодушевена сум какви таленти имаме, какви девојчиња гладни за ракомет, а се мачат во клубови во кои немаат услови и нема кој да работи со нив. Доколку не се промени нешто во нашиот ракомет тие ќе стагнираат и единствена шанса ќе им биде да излезат во Европа. Искрено сакам да верувам дека Живко Мукаетов ќе има визија за женскиот ракомет како што има за машкиот. Тој многупати покажал колку го сака ракометот и мислам како што го формираа РК Алкалоид и собраа таленти кај мажите дека таква инвестиција ќе има и во женскиот ракомет. Девојчињата заслужуваат да добијат таква шанса.“

АКО ИМА ИНТЕРЕСЕН ПРОЕКТ БИ СЕ ВРАТИЛА ДОМА

По 11 години играње во странство Елена Ѓоргиевска во Македонија би се вратила за да ја заврши кариерата, но само ако има проект кој ќе го привлече нејзиното внимание.

„Во моментов не, но во иднина доколку има некој интересен проект, зошто да не!? Мислам дека не постои спортист кој не сака на тој начин да ја заврши кариерата. Здравјето ќе диктира дали тоа ќе биде за две-три или пет години. Дај боже да има само светла иднина за македонскиот женски ракомет.“