ИНТЕРВЈУ ВЛАДИМИР ТЕМЕЛКОВ: Тимот од Србија 2012 најмногу загуби кога некои играчи добија статус на ѕвезди!

Поранешниот македонски репрезентативец и се уште актуелен интернационалец Владимир Темелков, може да се пофали дека доживува втора младост. На 41 година, тој и натаму ги полни мрежите, иако признава дека тоа го прави како полу-професионалец во Луксембург. Љубовта кон ракометот е причината поради која и по 19-години интернационална кариера и во петтата деценија и натаму е активен. Паралелно ја гради и својата тренерска кариера (иако нема намера да се откаже од играчката). Страст му е работата со младите категории, на кои сака да им го предаде своето знаење и искуство. Би сакал тоа да го прави и во Македонија (можеби во иднина), но засега останува во Луксембург каде е веќе 11 години со своето семејство.

Темелков потекнува од Велес, кој во негово време е ракометен центар, но тој сака да биде фудбалер како неговиот татко и брат. Посочува дека главен виновник што сепак се одлучил за ракометот е неговиот професор Илија Амбарков, тогашен тренер на пионеркиот тим на РК Борец, кој го открил како талент. И не само тоа – му посветил внимание и му дал сигурност и самодоверба со која ја пренел и љубовта кон ракометот. Така почнува кариерата на десното крило. Од Борец прави трансфер во Пелистер, во времето кога битолскиот тим ги прави најголемите успеси во Европа (Лига на шампиони, ЕХФ куп, финале во Челинџ куп во 2002 година).

„Имав и среќа. Иван Марковски замина во странство и јас на 19-20 години добив шанса да играм прва постава. Ѕвездите на кои им се восхитував како Пепи Манасков и кои претходно ги гледав на телевизија сега ми беа соиграчи. Уф, какво доживување беше тоа, какво искуство и пресвртница во кариерата“ – се потсетува Темелков.

По пет години во Битола во интересен сплет на околности крилото започнува интернационална кариера. При посета на братучед во Германија се спојува со менаџер, кој ќе го однесе на проба во Фулинген, за по две недели, Темелков да го направи својот прв трансфер во странство. Осум сезони ќе мине во првата и втората Бундеслига, носејќи го дресот уште на Вилштат и Балинген. Во Вилштат ја запознава и својата сопруга (Германка, Хелена) со која има две деца – син и ќерка. Темелков добива понуда од Хановер во период кога е играчки најзрел (31 година), но го става семејството пред кариерата и прави изненадувачки потег. Се сели со семејството во Луксембург и одлучува да биде дел од полу-аматерска лига. Потпишува за Керјенг, клуб чиј дрес и натаму го носи по 11 сезони.

Десното крило е дел од генерацијата која по цела деценија играње квалификации ја враќа Македонија на големите натпреварувања – СП 2009 во Хрватска. Тој е дел и од најголемиот успех, петтото место на ЕП 2012 година во Србија. Игра и на СП 2013 во Шпанија, додека со националниот тим завршува под чудни околности. Иако е дел од тимот кој ќе избори настап на ЕП 2014 во Данска и ќе биде и на поширокиот список тогашниот селектор Ивица Обрван нема да смета на него.

Денеска е прв играч на Керјенг, со двоцифрен учинок на скоро секој натпревар. Паралелно работи како  возач на училишен автобус, превезува деца на училиште, но тоа е само три-четири часа во денот. Истата работа ја имаат и другите негови соиграчи со оглед на тоа дека тоа е фирма во сопственост на главниот спонзор на клубот. Темелков обожува и да готви, најчесто традиционални македонски јадења (вели тоа е тајната на неговата долга младост) и паралелно ужива и со семејството, но и со ракометот.

„За многумина беше несфатлива таа моја транзиција од Бундеслигата во Луксембург, во полу-аматерска лига. Доаѓа период во животот кога мора да се запрашате што ви е поважно – кариерата или семејството? Кога ја носев одлуката имав и понуда од Хановер на една сезона, но тоа значеше голема промена за семејството, а во таква ситуација и мојата сопруга се прашува. Кога ми зборуваа за Луксембург и мене ми беше чудно, на моменти и смешно, но без разлика што станува збор за полу-аматерска лига, условите, грижата која ја добивате од клубот, начинот на кој ве гледаат како ѕвезда, сето тоа прави разлика. Признавам имав и позитивни и негативни критики за таквиот чекор, но не се каам. Успеав да имам сè! Да продолжам да играм ракомет и да ги гледам децата секојдневно, што не верувам дека ќе можев со темпото и интензитетот кое го има во Бундеслигата. Веќе 11 години сум во Луксембург, во тим во кој и играм и работам како тренер на млади категории“, задоволно објаснува Владимир Темелков.

ТРЕБА РЕШИТЕЛНОСТ ЗА ДА УСПЕЕШ ВО СТРАНСТВО

Темелков на 23 години заминува од Македонија и веќе не се враќа назад. Потенцира дека од денешна перспектива млад заминал во странство, но ако се земе себе си за пример тогаш може да се успее само со голема решителност и жртва.

„Кога ќе размислам, од денешна гледна точка, реално бев незрел на 23 години. Можеби ми требаше уште малку време и искуство пред да заминам во странство. Но, по пет години во Пелистер се почувствував како да ја надминав таа средина, а и имав голема желба да играм надвор. Во интересен сплет на околности дојде пробата во Фулинген и тие две недели на пробав дадов се од себе. Паметам, клубот одбираше меѓу мене и уште еден играч, но моја предност беше што играв во двата правци и давав се од себе. Од друга страна тоа е и индивидуално и се зависи од играчот, односно колку сака и колку е решителен во своите намери. Јас имав многу препреки и проблеми, но не дозволив да се вратам назад. Можеби е тешко да стигнеш до Бундеслигата, но кога ќе бидеш дел од неа се е поинаку. Ако имате квалитет лесно се наоѓа ангажман. Миркуловски е најдобар пример за тоа. Младите ракометари кои заминуваат во странство не треба да се плашат, немаат што да загубат! Може само да станат подобри, да напредуваат и да прераснат во големи играчи. Главната лекција која треба да ја знаат е дека мораат да работат на себе, секојдневно, да се даваат безрезервно… Јас и на 41. година и покрај тоа што играм во полу-аматерска екипа и натаму тренирам како професионалец и сум посветен, затоа што само така може да се успее.“

НЕМАМ КОМУНИКАЦИЈА СО НИКОЈ ОД МОЈАТА ГЕНЕРАЦИЈА

Владимир Темелков е дел од играчите кои долги години ќе се обидуваат да го вратат машкиот репрезентативен ракомет, за конечно тоа да им успее во 2009 година. Заедно со Кирил Лазаров ќе бидат голем фактор на стабилност во играта на десната страна. Ќе настапи за Македонија на три големи натпреварувања, ќе се радува на најголемиот успех – петтото место во Србија, а потоа едноставно ќе биде отпишан од селекторот Ивица Обрван и на тој начин ќе заврши со националниот тим. Тоа е болен период за Темелков.

„Десет години игравме квалификации пред да доживееме што значи да се игра на едно големо натпреварување. Поминавме низ многу перипетија, кога ќе ми текне на сите услови кои ги имавме во тоа време, на долгите патувања, на тоа колку и ние како играчи со искуство и Федерацијата бевме незрели. Но, постепено растевме и кога го достигнавме моментот на зрелост дојдовме на големите натпреварувања, и не само што игравме туку фативме и континуитет. Мислам дека најмалку заслуживме да играме барем едно полуфинале, но според мене постои и еден друг проблем. Требаше да ми дозволат да одиграм уште неколку години заедно со тимот. Ивица Обврван не ме повика во тимот за Данска, иако одлично играв во квалификациите и потоа никој повеќе не ме побара. На пример на СП во Катар во 2015 година реално имавме голем проблем на десната страна, немаше никој друг покрај Лазаров да ја покрие. Мојата генерација најмногу загуби кога добивме малку на слава. Бевме наградени како играчи и фактот дека се сменија условите, ги сменија и односите на луѓето. Почна да се јавува оној момент на статус на ѕвезди во репрезентација“, се потсетува десното крило и продолжува: „За мене беше доволно само да играм за репрезентација, јас бев пресреќен со она што го правевме како тим, но паметам дека почнаа многу притисоци. Од клубови, од луѓе со критики дека сум аматер, дека лошо играм, дека ’спијам на натпревари’… Почнав да не се чувствувам повеќе удобно, но не дозволив тоа да влијае на мојата игра за репрезентацијата. Кога Обрван не ме повика – тој момент навистина болеше. Уште повеќе ме разочара тоа што се почувствував отфрлен. Не дека јас очекував нешто, но никој не ме ни спомена, не ме ни побара, не добив ниту поддршка од соиграчите. Не се чувствував пожеле и затоа комплетно се повлеков. Од мојата генерација не сум во контакт со никого.“

Ги следиш ли случувањата во македонскиот ракомет и репрезентативен и националното првенство?

„Долго време ми беше тешко. Неколку години престанав да следам што се случува, знаев дека игра Македонија, но без да навлегувам во детали. Си продолжив со мојата ракометна кариера, но некако се обидов да ги изоставам случувањата во македонскиот ракомет. Ми беше потребно да го надминам сето она што се случуваше. Сега следам сè, и репрезентацијата и Суперлигата.“

КАКО МАЛА ДРЖАВА ПРАВИМЕ ГОЛЕМИ УСПЕСИ

Дел од играчите со кои Темелков испишуваше успеси сега го сочинуваат стручниот штаб на националниот тим и водат нова генерација на ракометари. Тој смета дека Македонија со самиот континуитет на големите натпреварувања пишува големи успеси. Задоволен е и од она што го гледа, смета дека машкиот ракомет има иднина.

„Во последно време се е подостапно, па можам и натпревари од Суперлигата да следам и можам да кажам дека домашното првенство е можеби најсилно досега. Имаме квалитет, добри момци и ракометари во кои гледам иднина. Кога ќе помислам дека Германија селектира од два милиони за да извади квалитет, а ние од 100 деца правиме селекција. Имаме генерации кои доаѓаат, а ми се допаѓа и она што сега го гледам во А репрезентацијата. Како мала држава правиме успеси и со самиот факт дека повеќе од една деценија држиме континуитет на големите натпреварувања. Мора и да бидеме реални – околностите се различни. Ние со години и години игравме квалификации за да дојдеме на ЕП или СП, а тие тоа го имаат секоја година. Но, потребно е време да се ’искалат’, да се победи и тој страв. Мора да им се даде шанса и да згрешат. Затоа што и во мојата генерација постоеше страв, ние исто така многу шанси пропуштивме, но преку тие потешкотии прераснавме во една голема екипа и сфативме дека на едно големо натпреварување сме исти со сите и имаме исти шанси како сите. Низ истото мора да минат и овие генерации.“

ПО КАРИЕРАТА ПРОДОЛЖУВА ВО ТРЕНЕРСКИ „ВОДИ“

Темелков паралелно со играчката кариера е тренер во младинските категории на клубот. Ги води генерациите У15 и У17, а работи и со генерацијата до 13 години каде тренира и неговиот син во кој гледа наследник.

„Јас сум уште како дете во главата кога станува збор за спорт (се смее). Ќе играм додека можам, а потоа продолжувам како тренер. Ракометот е мојот живот и нема шанси да се откажам од него. Посветен сум на младите категории и во моментов водам две генерации, но работам со сите. Особено сум посветен на синот, кој има 13. години и кој исто така тренира ракомет. Во него гледам наследник, со оглед на тоа дека е висок, најверојатно позиција лев или среден бек (на тие настапува во моментов) но ќе видиме како ќе биде, уште е млад, уште е рано. Работам и на тренерска едукација. Првата Ц лиценца ја земав во Германија, потоа Б лиценца добив во Луксембург, а сега гледам каде има предавања за А лиценца и потоа Мастер Коуч. Сакам да водам екипи во млади категории, да пренесам знаење и искуство кое ќе даде основа на некој играч, но не велам дека можеби во иднина не би се ангажирал да водам и сениорски тим.“

Би се вратил ли да работиш со младите во Македонија?

„Никогаш не велам никогаш! Во Македонија доаѓам на кусо време, една недела до 10 дена, да си го видам семејството и тогаш најчесто сум во Велес. Сакам, зошто да не? Знаењето кое го пренесувам на децата тука, би можел да го пренесам на деца кои ќе бидат иднината на македонскиот ракомет. Но, во моментот не е возможно. Знаете јас и како играч многу полека се развивав, за некои работи можеби не бев доволно упорен, поамбициозен и итар. Правев многу грешки, многупати и ги повторував, но на крајот учел од нив. Не си пререкувам себе си за ништо. Задоволен сум од што го имам досега во кариерата, а како ќе се развиваат работите натаму ќе видиме. Одново, семејството е на прво место и нашиот живот е тука. За во иднина, ќе видиме што ќе донесе времето.“