Им донесе четвртфинале во ЛШ и доби нов договор

Данскиот шампион ГОГ одлучи да го награди актуелниот тренер Николај Крикау со нов договор.

36-годишниот стратег откако со своите избраници обезбеди четвртфинале во Лигата на шампионите стана енормно баран и признат тренер.

Иако тој неодамна откри дека сака се проба во Бундеслигата, односно да води некој бундеслигаш, сепак, до тоа нема да дојде.

Крикау и раководството на актуелниот шампион на Данска се договорија на нова соработка, која ќе биде со важност до јуни, 2025 година, пренесува данскиот портал ,,Fyens”.

Откако Крикау го презеде ГОГ, во текот на 2017 година, клубот од Гудме започна чекор по чекор да создава играчи, кои подоцна станаа носители во данската репрезентација.

Под негово водство во сезона 2021/22 беше освоена шампионската титула на Данска, додека Куп трофејот беше освоен двапати, во 2018 и 2022 година.

ГОГ сезонава сѐ надмина себе си и обезбеди четвртфинале во Лигата на шампионите. Ривал во четвртфиналето ќе му биде европскиот шампион Барселона.