Има ли Симовски „џокер“ за Романија?

Женската сениорска репрезентација на Македонија ја очекува бараж двомечот со Романија за пласман на Светското првенство во Шпанија. Противникот е фаворит, но трите победи на квалификацискиот турнир ја разбудија надежта дека избраничките на Симе Симовски се подготвени за долго очекуваниот чекор напред.

Традицијата дека Романија досега играла на сите Мундијали не и оди во прилог на нашата селекција, но тие не успеаја да обезбедат место на Олимпијада, имаат разнишани односи во федерацијата, клубовите бараат смена на претседателот, нивните стручњаци секојдневно се „мешаат“ во работата на селекторот Василе…

Романија е репрезентација која може да одигра најдобро против најсилните, а да потцени некој од послабите ривали на хартија и да се „изгори“. На пример лани се мачеше во квалификации за ЕП против Фарски Острови, изгуби на СП од Јапонија 17 голови разлика…

Селекторот Василе ги отвори картите и го објави списокот за двомечот со Македонија, а на него се најде најквалитетното со кое во моментов располага Романија. Симе Симовски деновиве би требало да соопшти списокот и ракометарките на кои ќе смета за баражот.

Ако се погледне поширокиот список од 35 репрезентативки, станува јасно дека изборот на голманската позиција е мал и дека Јована Мицевска и Матеја Серафимова би требало да бидат дуото голмани, а од позадија шанса ќе чека Драгана Петковска. Јована Саздовска и Анастасија Николовска се повредени, па товарот на лево крило ќе го понесе Александра Боризовска, која имаше одлични изданија на квалификацискиот турнир, иако во Куманово игра како среден бек.

Сара Ристовска ќе биде изборот на десната крилна позиција, додека и триото на линијата е горе-долу познато – Гакидова, Дабевска која игра се подобро во Дунајварош и младата Џатевска од Вардар.

Од оние кои се на поширокиот список, а би можеле да помогнат на бековските позиции се интернационалките во Турција и Полска, Моника Јанеска и Зорица Десподовска, кои играат одлично во последно време. Десподовска кон крајот на минатата година најави дека би можела да направи камбек во националниот тим доколку дозволи нејзината здравствена состојба, но многу поверојатно е дека на бековските позиции шанса ќе добијат истите ракометарки што играа на квалификацискиот турнир во Скопје – Ливриниќ, Ѓорѓиевска, Гичевска, Стојановска, Стојковска, Кипријановска, Седлоска, Јанкуловска и Николиќ.

Дали е дојдено времето Македонија по девет години да се врати на големата сцена и дали Симовски има некој ас во ракавот за Романија ќе видиме на 17, односно 21 април.