Илиќ: Му посакувам на Вардар титула во Македонија!

Веспрем обезбеди пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите откако на реваншот одиграа нерешено со Вардар 31:31, но триумфот од Скопје беше сосема доволен за пласман во следната рунда.

Тернерот на Веспрем, Момир Илиќ имаше свој видување на овој натпревар, на кој неговиот тим на полувреме имаше предност но до крај не успеа да триумфира.

„Тие одиграа добар ден денеска, можам да бидам задоволен само од првото полувреме и пласманот во четвртфиналето. Првиот натпревар во Скопје беше добар за нас, денеска не беше така. Промашивме многу шанси од чисти ситуации, што е премногу за еден натпревар за да го добиеме. Сепак, одиме понатаму, гледаме напред ни претстојат важни натпревари особено во првенството на Унгариај и Купот на Унгарија. Му посакувам на Давид Дејвис многу среќа и да ја освои титулата во Македонија“, рече Момир Илиќ.

Исто така и Омар Јахија се сложи со тренерот дека не одиграле најдобро, но сепак најважно е што се во четвртфиналето.

„Имавме тешка задача против Вардар денеска, тие одиграа навистина добар натпревар. Имавме добра предност од првиот меч и затоа немавме голем притисок на овој дуел. Секогаш кога играме во нашата арена пред нашите гледачи сакаме да победиме. Најважно е дека сме во четвртфиналето и сметам дека сме подготвени за тие дуели“, рече Јахија.

Екипата на Веспрем за противник во четвртфиналето ќе го има тимот на Алборг кој претходно директно обезбеди пласман од групната фаза.