Играчот со најдолг репрезентативен стаж – играше на ЕП 98, СП 99 и олимписки квалификации

Ракометарот кој мина повеќе од две децении во репрезентативниот дрес, а од јануари е на клупата на Вардар, Стевче Алушовски беше човекот што спои неколку одлични генерации на репрезентативци бидејќи одигра голем број на натпревари и настапи и на првиот натпревар на Македонија, но и на првите шампионати. Тој е играчот со најдолг репрезентаивен стаж, со 21 година настапување во националниот дрес.

Во деновите кога е пауза насекаде поради коронавирусот, а сите се потсетуваат на натпреварите од минатото и Алушовски се потсети на некои натпревари и моменти кои му се останати во сеќавање. Еден од најтешките натпревари вели дека бил тој против Олимпискиот првак од 1996 година, Хрватска, кој година подоцна гостуваше во Скопје. Македонија тогаш забележа победа и го трасираше патот кон Европското првенство во Италија.

„Во сеќавањата секако останува натпреварот против Хрватска во 1997 година во СРЦ „Кале“. Тоа беше неверојатен и тежок дуел. Хрватите дојдоа како олимписки шампиони, а успеавме да победиме. Практично оттаму почна сè и Македонија првпат се појави на едно големо натпреварување една година подоцна“, вели Алушовски за 24 Ракомет.

Натпревар кој го памети не толку по убаво бидејќи била испуштена шанса за пласман на ЕП е одигран во 1995 година.

„По лошо го паметам дуелот против Словачка од 1995 година. Гостувањето во Кошице можеше да не однесе уште тогаш на едно Европско првенство, но загувивме и испуштивме голема шанса. Сепак, две години подоцна успеавме да ги поправиме работите“.

Затоа, пак, има многу убави моменти и тие се од првенствата кога Македонија се врати на големата сцена.

„Една од најдрагите победи ми е таа која што ја обезбедивме против Полска на Мундијалот во 2009 година. Покрај тоа и сите победи кои успеавме да ги обезбедиме на Европското првенство во Србија каде што имавме одличен настап, кој ни обезбеди историски квалификации за Олимписките игри“.

Сосема очекувано неисполнетата желба е настап на едни Олимписки игри, кои се сон на секој спортист

„Имав можност да играм во првите квалификации за Олимписките игри и жал ми е што не успеавме да се пласираме на една Олимпијада. Остана таа историска шанса која не успеавме да ја реализираме“.

Интересен момент кој сигурно би привлекол големо внимание е на пример да се напише книга за сите убави работи доживеани со депрезентацијата после 20 години играње во неа.

„Повеќе од две децении бев дел од репрезентацијата на Македонија и имав голем број на натпревари. За 21 година колку што го носев дресот на националниот тим може да се напиште книга. Имаше убави, но имаше и тешки моменти. Сепак, повеќе сакам да се сеќавам наубавите моменти“.

Со оглед на тоа што играше и со Манасков и со Лазаров во репрезентацијата добро знае како било и на почетокот, а како е и сега во репрезентацијата.

„Имаше многу големо другарство во репрезентацијата и тоа не красеше секогаш. Можам да кажам дека имав многу убави моменти со секоја генерација со која се затекнав во националниот тим. Одлично живеев и со генерацијата во која беа Пепи Манасков, Драган Маринковиќ… но и потоа кога на сцена дојдоа Наумче Мојсовски, Ванчо Димовски, Кирил Лазаров… Со сите бевме во одлични односи“, вели Алушовски потсетувајќи се на деновите во репрезентацијата на Македонија.

Тој беше еден од ракометарите кои издржаа најдолго во репрезентацијата бидејќи кариерата во неа ја почна уште во 1993 година кога Македонија дебитираше на „Трофеј Карпати“ во Романија.