Зорман, Тамше, Пајовиќ, Дениќ…кој ќе биде новиот селектор на Словенија?

Откако Љубомир Врањеш доби отказ од селекторското место во Словенија по дебаклот на Европското првенство, тамошните медиуми веќе ги редат кандидатите за негов наследник.

„Екипа СН“ пишува дека наследникот на Врањеш нема да биде странец и дека по подолго време Словенец ќе го води националниот тим. Меѓу кандидатите се Урош Зорман, Бранко Тамше, Борис Дениќ, Зоран Јовичиќ и Алеш Пајовиќ.

„Како играч сакав да играм во најдобрите тимови, како тренер сакам да го водам и националниот тим. Ќе излажам ако кажам дека не е така. Во моментов сум фокусиран на Тримо и не размислував за оваа функција“, вели Зорман.

Тамше не сака да зборува за евентуалниот ангажман.

„Искрено, не би зборувал ништо на таа тема. Не чувствувам потреба“, краток е Тамше.

Дениќ своевремено беше кандидат за македонски селектор, а сега го води Кувајт. Тој вели дека не знае дали е меѓу потенцијалните наследници на Врањеш.

„Не знам дали сум кандидат за селектор, никој не ми се јавил, не ме контактирал, па не можам да зборувам за тоа“, кажа Дениќ.

Актуелниот тренер на Горење, Зоран Јовичиќ, откри дека посакува да биде селектор.

„Не е тајна дека сум заинтересиран да бидам селектор на Словенија“, вели Јовичиќ.

Некогашниот репрезентативец Алеш Пајовиќ, сега селектор на Австрија исто така е меѓу потенцијалните наследници на Врањеш.

„Имам договор со Австрија уште година и пол, па ќе видиме како ќе го решиме тоа, ако јас бидам избран. Секогаш сум кажувал дека Словенија е одлична репрезентација, па ќе биде голем предизвик за мене да ја водам мојата татковина. Ќе видиме што ќе се случи ако добијам понуда“, кажа Пајовиќ.

Словенија ќе игра два баражи за следниот Мундијал во 2023 година, па сигурно тамошниот Сојуз ќе мора брзо да реагира и да одбере селектор.