„Зебрите“ ги канат навивачите на пристаниште – ќе ја слават титулата на брод

Ракометарите на Кил ја одбранија титулата во Бундес лигата, откако одиграа нерешено со Рајн Некар, 25-25. Тој бод беше доволен да се најдат пред Фленсбург на табелата, иако и двете екипи имаа по 68 бода, но „зебрите“ имаа подобар меѓусебен скор.

Минатата сезона поради ситуацијата со коронавирусот, Кил немаше шанса да ја прослави титулата со навивачите, но сега ќе биде поинаку. Ќе има прослава, и таа ќе биде на отворено.

Екипата со шампионскиот трофеј околу 22:00 часот вечерва ќе тргне од пристаништето Вик до градскиот океанариум. Бродот ќе се движи блиску до градскиот кеј, па навивачите ќе имаат шанса да ги поздрават своите миленици.

„Со нетрпение ја чекаме средбата со нашите навивачи, по оваа долга и тешка сезона, конечно ќе можеме да ја чуеме нивната поддршка. Се гордееме што можеме заедно да ја прославиме шампионската титула“, вели Патрик Винцек.