Збеснаа навивачите на ПИК Сегед: Ако уште еднаш одиграте вака, ќе гледате празни трибини!

Иако сите очекуваа неизвесен натпревар од осминафиналето на ЛШ, сепак унгарскиот двобој заврши со убедлива победа на Веспрем над ПИК Сегед со 13 голови, 36-23.

Околу 8.000 навивачи во Сегед, кои беа дел од натпреварот во новата арена, по крајот на мечот побараа од ракометарите да ги соблечат дресовите.

Тие упатија јавно соопштение, и ги опоменаа, дека ако се повтори уште еднаш таква претстава, до крајот на сезоната ќе играат во празна сала.

„Во спортот може да се загуби, но не на ваков начин. Игравте без борба, без волја, а секој што игра така не е достоен да го носи овој дрес на ПИК Сегед. Се посрамотивте себе, клубот и градот. Ги изневеривте повеќе од 8.000 гледачи. Без разлика дали ќе заминете на крајот на сезоната или не, дали вака сакате да останете запаметени? Сезоната не е завршена, имате шанси да не направите горди. Ако уште еднаш со ваков пристап истрчате на терен, до крајот на сезоната ќе играте пред празни трибини“, се вели во соопштението.

Јасно е дека по ваков пораз, ПИК Сегед нема што да бара на реваншот кај Веспрем, но треба да се потруди да го поправи впечатокот пред европската елиминација.