ЗАОКРУЖЕТЕ ГИ ВО КАЛЕНДАРОТ: Сите важни датуми за Вардар во новата сезона на Лигата на шампионите! (ФОТО)

Европскиот првак Вардар нема да има можност да ја брани титулата оваа сезона во Лигата на шампионите, но „црвено-црните“ веќе се подготвуваат за следната.

Европската ракометна федерација го дистрибуираше до клубовите распоредот на натпреварите за новата сезона, кои ќе се играат во среда или четврток, па можете во календарот да ги заокружите сите датуми во кои Вардар ќе има натпревари.

Првото коло ќе се одигра на 16 или 17 септември, а првата пауза ќе следува по 3 коло. По 4, 5 и 6 коло ќе има ЕХФ недела за квалификациите за ЕП, а до крајот на годината ќе бидат одиграни уште четири кола.

На стартот на 2021 година, ќе се игра Мундијалот во Египет, па ЛШ ќе продолжи со последните четири кола од групната фаза до почетокот на март. Завршниот турнир во новата сезона ќе биде одигран на 12 и 13 јуни, а тоа ќе бидат последните ракометни натпревари за сезоната 2020/2021.

Ждрепката за групите ќе се одржи на 1 јули.