Залудни 22 одбрани на Даскалоски, Еурофарм Пелистер 2 си замина со цел плен од Скопје!

Екипата на Еурофарм Пелистер 2 по ремито против првиот тим во претходното коло, денес повторно одигра одличен натпревар и во рамки од 4. коло од Суперлигата на гостувањето во Скопје кај повратникот во македонската елита, тимот на Голден Арт, славеше убедлива победа со резултат 28:20.

Домашната екипа не успеа да ги реализира двата воведни напади, па така составот на Александар Јовиќ преку Атанасијевиќ го отвори натпреварот со водство од 1:0. До 10 минута од дуелот, кој беше одигран во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ ниту една од двете екипи не можеше да се одлепи на поголема разлика од еден гол и најчесто резултатот беше нерешен. По резултатската бркотница, односно нерешениот резултат од 4:4, младите „фармацевти“ со одлична серија од 4:0, која беше дело на Петровиќ, Кукуловски, Арсеновски и Белистојаноски, се одлепија на плус четири гола разлика, 8:4.

Иако голманот на Голден Арт, Златко Даскалоски до 20 минута имаше девет одбрани, сепак, неговите соиграчи осум минути беа без постигнат погодок и падот во играта кај избраниците на Матлиески се одрази и на резултатот. Тимот од Битола зголеми и на пет гола разлика, 10:5, и до крајот на првото полувреме не му дозволи на домаќинот да направи камбек. Како што одминуваше времето Еурофарм Пелистер 2 градеше сигурна предност, која на пет минути пред крајот на првото полувреме изнесуваше 12:6, потоа беше и 14:7, а на полувреме битолскиот тим замина со предност од 17:10.

Расположениот Атанасијевиќ на стартот од вториот дел на својот тим му го донесе највисокото водство од 18:10. Голден Арт се обидуваше да намали дел од резултатската негатива, но никако не можеше да дојде до серија на погодоци. Даскалоски продолжи да брани во одлична форма и конечно домаќините успеаја да намалат на 19:14, но гостите со три гола во низа повторно ја вратија предноста од осум гола, 22:14.

Со иста мера одговори и Голден Арт и со погодоците на Јанковски и Шилегов намали на 22:17. До крајот на натпреварот немаше поголема промена на резултатот, ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 рутински ја одработија својата задача и се израдуваа на втората победа во Суперлигата.

Најефикасни во победничката екипа беа Петар Атанасијевиќ со осум и Дејан Кукуловски со пет погодоци. Во поразениот табор се истакнаa Славе Јанковски и Мице Шилегов со шест гола, а голманот Златко Даскалоски забележа 22 одбрани и успеа да постигне и еден гол, но тоа не беше доволно за поволен резултат на неговата екипа.