Залудни 15 гола на Тодор Узунчев, Работнички го испрати Партизан со празни раце

Ракометарите на Работнички се израдуваа на нова победа во Првата лига откако на свој терен беа подобри од Партизан со 38:33. И на двете екипи им припадна по едно полувреме.

Екипата на Партизан иако во Скопје пристигна со само 12 ракометари, сепак одигра одлично прво полувреме. Предводени од Лисичков и Тодор Узунчев, гостите од Гевгелија добро го започнаа натпреварот, имаа водство од 7:4 и стекнатата предност ја одржуваа до крајот на првиот дел.

Ракометарите на Работнички во последните десет минути од првото полувреме полека започнаа да се враќат во игра. На две минути пред да се замине на пауза, Дука со својот четврти гол го израмни резултатот на 17:17. Разиграните ракометари на Партизан беа успешни преку Тодор Узунчев за нивно водство на полувреме од 18:17.

По неколку грешки во низа на двете екипи, Работнички во второто полувреме повторно дојде до израмнување на резултатот, 18:18. За прв пат во вториот дел, Работнички поведе со 21:20 најавувајќи борба за освојување на важните бодови. Играта гол за гол продолжи во преостанатите минути.

По десет минути игра во второто полувреме, Работнички преку Димевски се одлепи на два гола позитива, 24:22. Кратката клупа кај гостите, нивниот замор и исклучувањата од по две минути во 40. и 44. минута не беа целосно искористени од страна на домаќините кои му дозволија на својот противник во 42. минута да го израмни резултатот на 29:29.

Работнички во последните осум минути беше подобар во двата правци. Главно со голови од контри и полу-контри, домаќините започнаа да се одлепуваат на солидна предност. Конечниот епилог од дерби средбата заврши со победа за екипата на Работнички од пет гола разлика, 38:33.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Партизан, Тодор Узунчев со 15 гола. Во екипата на Работнички одлична партија одигра Давид Димевски со 12 постигнати гола. Во следното коло, Работнички гостува во Велес кај Борец. Екипата од Гевгелија следниот викенд ќе се обиде на свој терен да триумфира против Шампион.