Загреб не се предава, го запре Алборг и остана во трка за осминафинале

Ракометарите на ППД Загреб го совладаа тимот на Алборг со 31:30 во меч кој се очекуваше да биде само лесна задача за гостите кои дојдоа со цел да победат и да го заверат 4. место во Групата А.

Сепак, уште од стартот на средбата се виде дека играчите на шампионот на Хрватска се решени да нападнат со сите сили и да се борат за бодовите на овој натпревар. Се работеше постојано за една топка и нијанси решаваа кој ќе дојде до триумф.

Во финишот играчите на Загреб знаеја како до победа и со неа останаа во трка за осминафинале иако тоа ќе биде навистина тешко остварлива мисија бидејќи гостуваат кај ПСЖ.

Алборг, пак, со овој пораз не загуби ништо бидејќи ако победи дома против Елверум во последното коло ќе биде на 4. место. Дури и да имаат ист број бодови со тимот на Флензбург има подобар меѓусебен дуел така што веќе е јасно како ќе се одвиваат работите во групата А.

Анте Гаџа со девет гола и Златко Хорват со седум беа најефикасните во победата на Загреб, додека Смарасон со седум гола беше најефикасниот во Алборг.