Загреб може да профитира од исклучувањето на Вардар

Иако Вардар се надеваше дека ќе игра во Лигата на шампионите, сепак, европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска официјално излезе со соопштение дека македонскиот шампион во следната сезона нема да се натпреварува во елитното клупско натпреварување, во кое двапати ја освојуваше титулата, сезона 2016/17 и 2018/19.

Со исклучувањето на Вардар од Лигата на шампионите, односно од Европа, се создадоа услови за неколку клубови, кои аплицираа за вајлд- карта, да го потполнат испразнетото место на македонскиот тим, а најмногу може да профитира хрватскиот шампион, Загреб, бидејќи Хрватска, моментално, се наоѓа на 10. позиција на ранг листата на ЕХФ.

Моменталниот рејтинг на Хрватска му овозможува на Загреб, како актуелен хрватски шампион, да биде прв во редот за директно учество во Лигата на шампионите во следната сезона. Загреб, кој е предводен од екс селекторот на машката репрезентација на Македонија, Ивица Обрван, веќе со децении настапува во Лигата на шампионите.

Ждрепката за групите во Лигата на шампионите ќе биде на 1 јули. До тој период, ЕХФ ќе одлучи кој тим ќе го замени Вардар во најквалитетното европско натпреварување. Освен Загреб, за вајлд-карта аплицираа и екипите на Алборг, Веспрем, Висла Плоцк, Иштад, Гранољерс, Целје, Мотор Запорожје, Нант, Елверум…

ЕХФ потврди: Нема Лига на шампиони за Вардар!