Заврши сезоната, но можеби и кариерата за играч на Келце

Ракометарот кој веќе има 38 години, а од 2017 година настапува за екипата на Келце, Мариуш Јуркиевич, ја заврши сезоната на самиот почеток на вториот дел. Тој се повреди на средбата против Монпелје и ќе мора да мирува неколку месеци.

Се очекуваат прегледи за да биде утврдена точната дијагноза, но сосема извесно е дека ќе мора неколку месеци на пауза.

Првите информации се дека има повреда на левото колено. Има напукнати лигаменти, па сега се очекува да се види дали ќе треба на операција или ќе може да се залечи и без хируршка интервенција.

Ова се случи уште на стартот од натпреварот во Франција кога самиот побара измена, а подоцна не можеше да се врати на терен. Инаку, ова може да биде негов последен натпревар за Келце доколку се утврди дека повредата е премногу сериозна.

Во прашање е и неговата кариера бидејќи веќе има 38 години, а претходно веќе двапати имаше иста повреда на вкрстените лигаменти на левото колено.