Заврши одморот за вардарци, денеска стартуваат со нетипични подготовки за нетипична сезона

Многу работи оваа сезона нема да бидат исти во Лигата на шампионите како во претходните сезони, почнувајќи од подготовките на екипите, па се до термините за играње на натпреварите.

Ракометарите на Вардар денеска ќе започнат со тренинзи, но првиот собир нема да биде во сала, туку на отворено – на фудбалското игралиште до СЦ „Јане Сандански“. Покрај ваквите тренинзи, вардарци ќе работат и во теретана, но во групи.

Ќе се чекаат протоколите од властите за тренинзи во сала на екипните спортови, па дури потоа ќе може да се размислува за работа со топка.

Најавено е учеството во Струга, на турнирот на кој ќе играат уште седум македонски екипи, но и тоа останува под знак прашалник, а турнирот во Кањижа можно е да биде откажан, откако се појави позитивен случај на коронавирус кај еден од учесниците, Нексе Нашице.

Но допрва претстои потешкото, организација на натпревари и патувања, можеби нема да се игра со публика, можеби само новинарите ќе бидат присутни на трибини, можеби ќе се патува со чартер летови…