По заверка на билетот за ЕП – Македонија во вториот дел го скрши Луксембург (ФОТО)

Машката сениорска репрезентација на Македонија обезбеди триумф против Луксембург од 28:23 на гостински терен во претпоследниот натпревар од квалификациите за ЕП 2024. Македонија со денешната победа речиси го завери билетот за Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Германија.

Турција е последниот ривал на Македонија во последното коло од квалификациите. На овој дуел Македонија може да си дозволи мал луксуз и во ситуација Турција да не победи со девет гола разлика, нашата репрезентација ќе остане на второто место во групата.

Избраниците на Кире Лазаров откако промашија на двапати по ред, домаќините го скршија мразот и поведоа со 1:0. Првиот гол на Македонија беше дело на Ѓорѓиев, кој израмни на 1:1, но мотивираните домаќини со два гола во низа во 5-та минута дојдоа до највисоките два гола разлика, 3:1.

Луксембург играше на посакуваното ниво, лесно ја пробиваше одбраната на ,,црвено-жолтите” и по осум минути игра ги имаше максималните два гола предност од воведниот дел, односно водеше со 6:4. До 10-та минута голманот на Луксембург, Херман имаше три одбранети удари, додека Митревски само една интервенција.

По водството од два гола разлика на домаќините, следуваше серија од 3:0 на нашата репрезентација, која најпрво изедначи на 6:6, потоа го презеде водството и поведе со 7:6. Домашната репрезентација речиси осум минути беше без реализација, а кризата ја прекина Кајсен израмнувајќи на 7:7.

Во 20-та минута Луксембург го врати водството, поведе со 9:8, откако ракометарите на Лазаров направија неколку грешки. Македонија за момент успеа да се консолидира, на пет минути пред крајот имаше ,,плус два” 11:9, но дозволи Луксембург да израмни на 11:11.

Сепак, нашата репрезентација го искористи падот во играта на домаќините и пред паузата дојде до дотогаш највисоките три гола разлика, 14:11. На полувреме резултатот беше 14:12 во корист во корист за македонската репрезентација.

Во продолжението ракометарите на Лазаров се одлепија на 16:12, немаа голема комоција во играта и никако не можеа да стават точка на неизвесноста. Избраниците на Мајк Хачке се обидуваа да се вратат во игра и во 40-та минута се доближија на 17:16. По налетот на Луксембург следуваше подобро издание на Македонија, која со цврстата одбрана создаде ситуација во која домаќинот сѐ почесто правеше грешки.

Ракометарите на Луксембург во последните 20 минути немаа сили за надигрување, разликата на македонската репрезентација постепено растеше, се разиграа Костески, Павле Атанасијевиќ…па така предноста на Македонија во 50-та минута беше 25:18. Последните десет минути не донесоа голема промена на резултатот.

Кај Македонија најефикасен беше Филип Талески со осум погодоци, по четири запишаа Мартин Серафимов и Филип Кузмановски, три реализации имаше Жарко Пешевски, два додадоа Гоце Георгиевски, Ненад Костески и Павле Атанасијевиќ, еднаш во листата на стрелци се запишаа Марко Митев, Цветан Кузмановски, Игор Ѓорѓиев и Михаил Аларов. На голот Марко Кизиќ имаше десет одбранети удари, Никола Митревски една интервенција.

Најефикасен во поразената репрезентација беше Лук Кајсен со десет погодоци. Голманот Мика Херман натпреварот го заврши со 13 одбрани.

26.04.2023 Луксембург vs Македонија