ЖРК Ѓорче Петров забележа победа над полски Јарослав

Минимален триумф за ЖРК Ѓорче Петров во првиот натпревар од  осминафиналето од Европскиот куп против полската екипа Јарослав со 27:26. Македонскиот првак добро го почна натпреварот и по 2:0 имаше водство и од 6:4. Во тој дел од играта во редовите на македонскиот првак расположена беше Милица Николиќ која постигна 5 од 6-те голови за својот тим. Тимот од Полска Јарослав, кој ја имаше улогата на домаќин (иако натпреварот се игра во салата во Автокоманда) успеа негативата од 5:8 во 19.минута да ја надополни и да изедначи на 8:8. По водството на ЖРК Ѓорче Петров од 11:9, полскиот состав со влегувањето во игра на Бразилката Моника Банчилон во 27.минута поведе со 12:11. До крајот на првиот дел ракометарките на македонскиот првак успеаја да изедначат 14:14 (седмо израмнување) откако повторно Николиќ се запиша во листата на стрелците и првиот дел го заврши со 9 голови.

Екипата на Јарослав единственото водство во вториот дел го имаше на стартот 15:14, а потоа ракометарките на македонскиот првак со серија од 5-1 во 38.минута поведоа со 19:16. Екипата од Полска сепак успеаја да стигне до изедначување, но не успеа да поведе – последен пат резултатот беше изедначен 24:24 по 13.ти пат. Во последната минута „ѓорчепетровки“ протпуштија шанса и при резултат 27:25, не реализираа два удара и полскиот тим со гол од контра намали за конечни 27:26 за Ѓорче Петров.

Најефикасна на натпреварот беше Николиќ од Ѓорче Петров со 11 голови, додека голманката Слободанка Кицеска забележа 15 одбрани (10 во вториот дел). Во тимот на Јарослав најефикасна беше Малгожата Травчинска со 10 голови, додека голманката Вероника Кордовиецка имаше 21 одбрана.

Реванш натпреварот се игра утре со почетокот во 18 часот.