Жељко Бабиќ: Верувам дека имаме подобар тим од минатата сезона

На почетокот на подготовките за новата сезона во тимот на Еурофарм Пелистер е доста раздвижено, а ракометарите влегуваат на тренинзите доста мотивирано. Тренерот Жељко Бабиќ е задоволен што главниот дел од тимот од лани е задржан.

„Мислам дека е добро што костурот на екипата остана ист и немаше многу менување. Што се однесува до голманите ние навистина имавме добри голмани, но околностите беа такви што секој замина по својот пат што е секако добро. Сепак, добивме одлични голмани и ќе имаме супер тандем на голот“, вели Бабиќ.

Тој смета дека во новата сезона има посилна екипа од ланската и дека може да се избори за уште подобри резултати.

„Тешко е да се зборува кои се можностите на тимот додека не се почне со играње. Многу брзо ќе видиме каде сме добри, а каде сме послаби. Додека се подготвував видов еден убав пример со Пик Сегед кој имаше лоша сезона, а на крајот беше шампион. Тоа е процес во кој мора да се биде трпелив, да се работи квалитетно и да се функционира. Се покажа дека тимовите кои го задржаа мирот и трпението на крајот успеаја да профитираат. Верувам дека ќе знаеме да ја исконтролираме оваа сезона. Верувам дека имаме подобар тим од минатата сезона што е многу важно. подобро се познаваме и верувам дека сезоната ќе биде многу предизвикувачка и уверлива за Еурофарм Пелистер“, коментираше Бабиќ на стартот од тренинзите.

До петок тимот на Еурофарм Пелистер ќе тренира во Битола, а потоа заминува за Маврово каде што ќе се продолжи со тренинзи.