АНАЛИЗА: Желни сме за докажување, не знаевме кога да ја смириме топката!

Македонската ракометна легенда Пепи Манасков за 24ракомет го анализираше првиот натпревар од групната фаза на Европското првенство, во кој Македонија со 27:25 загуби од Словенија. Ракометарот на векот потенцираше два моменти – на големите натпреварувања секоја грешка скапо се плаќа и вториот е дека одигравме храбро предводени од Томовски на голот и Цветан Кузмановски, за кој вели дека е благодет во националниот тим.

„Самиот старт на мечот беше со доза на нервоза. Словенците делуваа малку индиспонирани, а ние имавме многу позитивно отворање (3:0, 4:1) и тоа траеше десетина минути благодарение на одличните одбрани на Мартин Томовски. Според мене голманот беше единствена светла точка, кој ја одржуваше во живот Македонија во текот на целиот натпревар. Понудивме две различни полувремиња. До средината на првото имавме контрола над резултатот, а тоа Словенија се избори за пресврт и рутински го одржуваше резултатот до крајот на првиот дел. Голот на Филип Кузмановски, според мене, на крајот на првото полувреме беше регуларен, но судиската одлука е последна, а тие го кажаа спротивното.

Имавме премногу технички грешки што беше недозволиво. Почнавме во одбрана со 5-1, потоа префрливме на 6-0, која се држеше агресивно и беше добра, но не и одлична. Пикерите на Словенија правеа многу шанси, за среќа, не реализираа. Нашите пикери, пак, изостанаа на овој натпревар. Порано многу повеќе сме ги користеле, додека денеска постигнавме само еден-два гола од таа позиција и се изборија за еден или два пенали. Од друга страна Словенија добро не познава, па и бевме добро затворени на линијата.

Одлично изненадување беше Цветан Кузмановски, кој како за почетник во А националниот тим одигра на високо ниво. Осум погодоци и само еден промашен удар (иако можеби тој беше еден од клучните), но сепак, момчето има светла иднина и благодет е да имаме такви млади играчи кои ќе го носат дресот на репрезентација.

Отсуството на Кирил Лазаров играчки не ограничи на бековската позиција, но се забележува голем напредок во играта на Филип Кузмановски. Тоа можеби доаѓа и со искуството, но покажа и во одбраната и во нападот дека е подготвен да превземе одговорност и имаше и индивидуални пробиви. Да бидам искрен очекував повеќе таква игра и од Филип Талески, кој ми делуваше некако резервиран денеска. Се чувствува дека недостасува класичен среден бек. Филип Миркуловски се обиде да помогне колку што може, со секоја чест на годините и искуството и имаше свој придонес денеска. Десната страна, исто така, Мартин Велковски се држеше резервирано. Но, мислам дека тоа е одраз на неиграње и на фактот дека сиве овие години беше во сенка на Кирил Лазаров и му треба минутажа на големите натпреварувања.

Одново ќе се навратам на Мартин Томовски, кој беше клучен и не им дозволуваше на Словенците да направат сериозна разлика, а истовремено нас не враќаше во игра. Факт е дека сме млада, борбена репрезентација, желна за докажување, иако е јасно дека на моменти требаше и да се смири топката. Фалеше рутина, искуство, а и самото значење на натпреварот направи да ‘изгориме’. Бркавме резултат и брзавме, а во тоа брзање се греши и тука нема простување и нема назад.

Сепак, млади сме, времето работи за нас и имаме потенцијал и квалитет. Тоа го покажавме денеска, а очекувам да задржиме и такво ниво против Црна Гора. Имаме детали за поправање и во одбрана и во напад, но потребно е време. Со игра како денешната и помалку технички грешки имаме шанси за добар резултат против Црна Гора. И селекторот Лазаров и играчите мислам дека се свесни за тоа.“