ЕХФ ќе руши рекорд, ќе има 54-часовен пренос од Ф4 во Келн!

Овој викенд ќе се одигра Ф4 турнирот во Лигата на шампионите во машка конкуренција. Освен актуелниот бранител на титулата, Барселона, ќе учествуваат и екипите на Кил, Веспрем и Келце.

Овогодинешниот Ф4 ќе биде проследен со непрекинат пренос во живо од 54 часа на интерактивната платформа, Твич. Преносот ќе започне во 16:00 часот на 17 јуни и ќе продолжи до финалниот натпревар, кој е закажан за в недела, со почеток од 18:00 часот. Фановите можат да го следат преносот на платформата на ЕХФ, односно на овој ЛИНК.

За реализирање на програмата која ќе трае 54 часа, ќе има посебно студио, кое ќе биде надвор од „Ланксес Арената“ во Келн, а гости во студиото ќе бидат познати ракометни имиња, како што се Паскал Хенс и Доминик Клајн од Германија и Хулен Агинагалде од Шпанија.

Во текот на целата 54-часовна програма, фановите од целиот свет ќе можат во живо да се вклучат и да разговараат со водителите и гостите во емисијата. Исто така, планирана е и лотарија на секој час од преносот. Оние фанови кои ќе имаат среќа да бидат извлечени, ќе добијат ексклузивен подарок.

Во првото полуфинале на Ф4 турнирот ќе се сретнат екипите на Веспрем и Келце, додека во второто полуфинале ќе играат Кил и Барселона.