ЕХФ си најде нов модел за ЛШ: Ако не се одиграат одложените средби сите одат во осминафинале

Пред заминувањето на клупска пауза и подготовки со националниот тим пред учеството на Мундијалот во Египет, од ЕХФ се огласија соопштувајќи дека имаат нов модел за оваа сезона за натпреварите од Лигата на шампионите.

Веста е добра за сите клубови бидејќи во случај да не се одиграат натпреварите од групната фаза нема да има елиминација на ниту еден тим туку сите ќе се најдат во осминафиналето и ќе добијат шанса во елиминациските дуели.

Според информацијата објавена од Европската ракометна федерација доколку до 4 март не бидат одиграни сите средби од групната фаза во машката ЛШ (14 февруари во женската) тогаш нема да има избор освен натпреварите кои не се одиграни да бидат службено регистрирани во зависност од условите и причините поради кои истите не биле одиграни.

Досега од предвидените 80 се одиграни 60 средби, а со оглед на тоа што во февруари календарот ќе биде згуснат ќе биде тешко да се одиграат и оние дуели кои се одложени. Поради тоа голема е веројатноста дека ќе дојде до службено регистрирање на повеќето средби.

Одлуката за ова ќе биде донесена до 25 јануари. Тоа е последниот датум кога би требало натпреварите кои се одложени да добијат термин за одигрување. Ако нема термини тогаш ќе има работа за комисијата, а на 28 јануари ќе се знае епилогот за секој одложен дуел.

Во исто време ќе стане познато дека сите 16 екипи кои се дел од Лигата на шампионите ќе одат во елиминациите односно нема да има тимови кои одат директно во четврт-финалето. Сите ќе влезат во осминафиналените пресметки.

Според тоа првопласираниот состав од групата А ќе игра со осмопласираниот од Групата Б, вториот со седмиот… Инаку, во сегашниот систем првите две од групите одат директно во четврт-финалето, а седмо и осмопласираниот отпаѓаат.

Со ова ЕХФ сака да им даде шанса на сите да се натпреваруваат и во март, па останува во јануари да се види како ќе се одвива ситуацијата и со коронавирусот и дали ќе има можност да се одиграат и оние средби кои се предвидени според сегашниот календар за во март.

Вардар е меѓу екипите кои имаат најмногу одложени натпревари. Од десет одиграни се само пет дуели против Мешков Брест нагости (22:24), Флензбург дома (31:26), Порто дома (25:25), Келце дома (29:33) и Келце нагости (29:36). Останаа одложени средбите против Елверум (дома), ПСЖ (дома и гости), Порто (гости) и Пик Сегед (гости).