ЕХФ не им верува на Вардар и ПСЖ, ги нема во Топ 10 фаворити во ЛШ

Сè уште актуелниот освојувач на Лигата на шампионите, Вардар и понатаму не е сметан за тим кој би можел да се најде меѓу кандидатите за тронот во најсилното клупско натпреварување на стариот континент. Интересен е и фактот дека повеќе не се верува ниту во тимот на ПСЖ кој после лошите резултати во досегашниот дел од сезоната веќе не е сметан за тим кој може да дојде до завршницата.

Вардар и во оваа сезона никако не наоѓа места во рангирањата кои ги прави ЕХФ така што стручњаците на Европската ракометна федерација и понатаму повеќе им веруваат на другите тимови отколку на актуелниот првак.

На листата на 10. позиција се најде составот на Мотор, кој игра во групата Б, а после четири средби има само една победа. Следува Нант, кој има ист биланс и игра исто така во групата Б.

Осмото место е за екипата на Мешков Брест, која има шест поени (три повеќе од Вардар), но има и два натпревари повеќе во досегашниот дел од сезоната во Лигата на шампионите.

Тимот на Порто ремизираше со Вардар во Скопје и има шест бода досега, но и одиграно дури три натпревари повеќе од „црвено-црните“. На 6. место е Алборг, тим од другата група кој е еден од четирите клуба кои досега ги одиграа сите средби. Алборг досега има четири победи и два порази.

Второпласираниот тим од Групата каде што е Вардар, Флензбург падна единствено во Скопје. Досега Флензбург има четири победи и еден пораз, а во ЕХФ колку што им веруваат толку и не веруваат во овој тим дека може до Ф4.

Кил е место погоре. Составот кој важеше како еден од фаворитите за пласман во финалето засега е зад водечката тројка. Досега Кил има три победи и по едно реми и пораз. Лидерот на Групата А, Келце инаку ривал на Вардар в четврток од 7. коло ќе дојде во Скопје како треторангиран тим по моќност во досегашниот дел од ЛШ. Четири победи, едно реми и еден пораз ќе бидат ставени на тест кај шампионот на Европа од 2017 и 2019 година.

Веспрем е следниот тим. Составот за кој настапува Дејан Манасков сезонава игра далеку позрело во однос на претходните. Со четири победи и реми е второпласиран зад Барселона во Групата Б, а главната пресметка е одложена за некој слободен термин.

Сосема очекувано на врвот е Барселона. Со пет од пет и комплетна доминација Каталонците сезонава го играат дефинитивно најдобриот ракомет и за нивното место на врвот никој не може да има некаква забелешка.