ЕХФ ги потврди тимовите за ЛШ: Вардар со директно место, Куманово и Еурофарм Пелистер на „чекање“! (ФОТО)

Европската ракометна федерација ги објави тимовите што ќе конкурираат за место во новата сезона во Лигата на шампионите. Кај мажите, Вардар има директно место заедно со уште девет екипи, а Еурофарм Пелистер ќе конкурира за вајлд-карта.

Меѓу другите тимови што бараат дополнително место се Адемар Леон, ГОГ, Нант, ПИК Сегед, Висла Плоцк и Спортинг Лисабон како второпласирани во домашните шампионати, додека место побараа како шампиони тимовите на Мотор, Елверум, Целје, Динамо Букурешт, Кадетен Шафхаузен, Мешков Брест и Бешикташ.

Во женска конкуренција, осум тима имаат директно место во група, а иако и следува такво место и на Македонија, сепак нашиот претставник Куманово ќе биде третиран како тим што бара вајлд-карта, со оглед на тоа што се пријавува како вицепрвак.

Оваа сезона во двете конкуренции ќе има само по 16 места и ќе се игра во две групи. Клубовите што ќе ги добијат вајлд-картите ќе бидат познати на 19 јуни.