Еурофарм Пелистер 2 покажа моќ во Прилеп, ќе се бори за трофејот во Купот на Македонија

Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 обезбедија пласман на завршниот турнир во Купот на Македонија, откако славеа на гостувањето во Прилеп со 38-22 во финалниот натпревар од групата Г.

Избраниците на Александар Јовиќ тргнаа силовиот уште од стартот. По 1-1, гостите постигнаа три гола за 1-4 и до крајот не го испуштија водството. Дваесетина минути прилепчани успеваа некако да парираат додека беше 10-13.

Потоа за само пет минути Еурофарм Пелистер стигна до 10-19 и веќе немаше назад за домашниот тим на Горан Кузманоски. До крајот на првиот дел по еден гол на двете страни и на пауза се замина со 11-20.

Вториот дел беше само формалност и немаше резултатска неизвесност. Шанса за настап добија сите ракометари од клупата на двете екипи, а мечот заврши со 16 голови разлика.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ненад Белистојаноски со девет и Емилијан Ѓорговски со седум погодоци, додека кај Прилеп отскокнуваше само Давор Шокоски со шест гола.

Покрај Еурофарм Пелистер 2, за трофејот во Купот на Македонија на завршниот турнир ќе се борат Вардар, Еурофарм Пелистер и Бутел Скопје.