Еурофарм Пелистер чекори кон победа, има плус три на полувреме против Кадетен

Тимот на Еурофарм Пелистер има предност на полувремето од натпреварот со швајцарскиот Кадетен Шафхаузен од три гола разлика, 15-12.

Битолчани поведуваа со еден гол разлика, но швајцарскиот тим успеваше да израмни. По 4-4, гостите врзаа два гола во серија и стигнаа до 4-6, но потоа влегоа во црна дупка.

Одбраната на Еурофарм Пелистер беше одлична во овој период, Секељ врза две интервенции и домаќините направија пресврт со три гола во серија, 7-6.

Беше 7-7, но битолчани уште еднаш имаа плус два, 10-8. Периќ промаши пенал, Пилиповиќ симна зицер, па Кадетен пак се врати во игра и израмни на 10-10 преку Цендер.

Повторно следуваа добри минути на Еурофарм Пелистер. Радовиќ и Периќ погодија за ново водство од плус, имаа домашните шанса и за плус три, но не реализираа, па казната стигна во мрежата на Секељ.

Периќ повторно беше прецизен за 13-11, а Секељ му запре удар на Гербл. Убав погодок во следната акција постигна повратникот Радовиќ за 14-11, но потоа беше примен гол за 14-12.

Сепак Табоада со гол во последните секунди ги постави конечните 15-12. Токму Кубанецот, Периќ и Радовиќ погодија по четири пати, Маркоски даде два гола, а Костески стрелаше еднаш.