Еурофарм Пелистер со победнички старт во Атина

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го одиграа првиот натпревар на турнирот во Атина и ја забележаа првата победа со 27:20 против кипарскиот Анортозис Фамагуста.

Еурофарм Пелистер го отвори натпреварот со 1:0, потоа кипарскиот тим го имаше единственото водство со два последователни гола. Мандалиниќ израмни на 2:2, а потоа тимот од Битола имаше контрола на резултатот.

После 16. минути игра Еурофарм Пелистер имаше водство од 7:5 за веќе во 19. минута избраниците на Жељко Бабиќ да го имаат првото водство од три гола 9:6. До крајот на полувремето се играше израмнето и се задржа најчестата предност на Еурофарм Пелистер од два гола. На полувреме битолскиот тим имаше водство 15:13.

Второто полувреме подобро го започна македонскиот претставник, после десет минути игра веќе беше пет предност, 19:14 што беше причина за тајм-аут на Анортозис. Продолжи серијата на Еурофарм Пелистер со неколку контри и лесни голови и во 47. минута беше 23:14.

До крајот на натпреварот Еурофарм Пелистер рутински го одржуваше и контролираше резултатот и забележа лесна и очекувана победа на отварањето на турнирот против кипарскиот претставник. Утре битолчани ќе играат со грчкиот Диомидис.