Еурофарм Пелистер го наполни голот на Пролет и обезбеди место на Ф4 во Купот

Тимот на Еурофарм Пелистер полесно од очекувањата стигна до место на завршниот турнир во Купот на Македонија, откако славеше на гостувањето кај Пролет со убедливи 21-36.

Пролет добро се држеше во првите дваесетина минути и тогаш беше 10-11. Битолчани во продолжение ги казнија сите домашни грешки и се одлепија на плус шест, 10-16. До крајот на полувремето избраниците на Жељко Бабиќ имаа водство и од осум гола, 12-20.

Јасно беше каков натпревар ќе гледаме во второто полувреме, па тренерите им дадоа шанса на играчите со помала минутажа да се појават на теренот. Тоа не ги спречи гостите да играат сериозно и да му нанесат катастрофален пораз на Пролет од 15 голови разлика.

Пролет сигурно одамна не загубил вака убедливо, особено не на домашен терен. Најефикасни ракометари од Еурофарм Пелистер беа Дејан Кукуловски со осум голови, како и Матео Мараш кој даде седум, додека кај Пролет се истакна капитенот Ласко Андоновски со шест гола.

Покрај битолскиот тим, на завршниот турнир ќе играат и екипите на Вардар, Металург и Бутел Скопје.