Едно полувреме недоволно за победа – Металург загуби од домаќинот во Атина

Со победа денеска Металург ќе го освоеше турнирот, а иако загуби заврши на 2. место поради најдобра гол-разлика во мини табелата со Анортозис Фамагуста и Диомидис Аргус

Составот на Металург претрпе пораз од 28:32 на последниот натпревар на турнирот во Атина каде што денеска играше против домаќинот АЕК откако имаше предност после првите 30 минути.

Металурзите одиграа подобро во првото полувреме и во него успеаја да дојдат до предност од 17:15. Сепак, она што беше направено во првиот дел од средбата во вториот беше загубено.

Домашните успеаја да се вратат во ритам и од негатива од два гола да дојдат до убедлив плус. Стигнаа до четири разлика за конечни 32:28 и со три победи стигнаа до победа на турнирот кој го организираа.

Со оглед на тоа што другите три екипи имаат по една победа се направи мини табела. На неа Металург е најдобар со гол разлика од плус еден, па е второпласиран на овој турнир. Третото место е за Анортозис Фамагуста, додека последнопласиран е Диомидис Аргус.