Европските квалификации за младинското СП во јануари, Македонија ќе чека вајлд-карта

На Светското младинско првенство 2023, кое ќе се одржува во Германија и Грција, ќе настапат вкупно 32 репрезентации. Покрај домаќините Германија и Грција, од Азија на Мундијалот за младинци ќе играат уште Бахреин, Јапонија, Кувајт и Саудиска Арабија.

Директно место на младинскиот Мундијал обезбедија и најдобрите десет селекции од младинското ЕП од Португалија. Тоа се репрезентациите на Шпанија, Португалија, Србија, Шведска, Унгарија, Франција, Данска, Словенија, Фарски Острови и Исланд.

Од Африканското првенство билет на младинскиот Мундијал 2023 обезбедија репрезентациите на Ангола, Египет, Тунис и Алжир. Во следниот период ќе бидат познати уште четири репрезентации од Јужна и Централна Америка, како и уште две селекции од Северна Америка и Кариби.

Репрезентациите на Италија, Полска, Хрватска, Норвешка и Црна Гора, кои што завршија од 12 до 16 место на младинското ЕП во Португалија ќе играат во квалификацискиот циклус заедно со двата победници од младинските ЕХФ шампионати – Израел и Чешка.

Квалификациите од европскиот квалификациски циклус ќе се одржат во периодот од 2 до 11 јануари, 2023, и најдобрите две репрезентации ќе обезбедат пласман на Светското младинско првенство во Германија и Грција.

Дополнително, ИХФ треба да одлучи како ќе ги пополни празните места. Досега е позната распределба на 28 места, бидејќи уште две места треба да им припаднат на освојувачите на ИХФ трофејот во Океанија и ИХФ трофејот за европските селекции што ќе се игра во Коосво

Остануваат уште две празни места кои ИХФ веројатно ќе ги додели како вајлд-карти. Младинската селекција на Македонија имаше можност да стигне до СП преку ЕХФ шампионатот во Варна, но таму го освоивме петтото место, па сега може да се надевам само на вајлд-карта.

Светското првенство во Германија и Грција ќе се одржи од 22 јуни до 2 јули, 2023 година.