Душебаев: Комок направи кловнови од нас…

Екипите на Мотор Запорожје и Келце одиграа интересен натпревар во рамките од третото коло од Лигата на шампионите. Избраниците на Талант Душебаев имаа повеќе среќа во завршните минути и со цел плен си заминаа од гостувањето од Украина, откако триумфираа со еден разлика, 26:25.

Тренерот на Келце, Талант Душебаев, веднаш после натпреварот ја коментираше играта на неговата екипа. Како важен сегмент за неизвесниот натпревар го истакна противничкиот голман, Генадиј Комок, кој успеа да одбрани седум пенали од вкупно девет.

„Можам да кажам дека на крајот имавме малку повеќе среќа од Мотор Запорожје, па победивме. Среќни сме што носиме два бода дома. Но, мислам дека имаше повеќе емоции за време на натпреварот отколку квалитетна игра. Двете екипи се бореа добро, а голманот на Мотор, Генадиј Комок, направи кловнови од нас, одбрани дури седум пенали од девет досудени. Нормално, беше многу тешко да се победи кога нема да постигнете толку чисти ситуации. Можам да признаам дека сум среќен со борбата и доброто расположение. И како што реков, нашиот тим во посреќен момент, на крајот, ја грабна победата. Така, им честитам на моите момци. Но, и Мотор Запорожје прикажа одлична борба“, изјави Душебаев.

Во претходните две кола, Келце забележа победа и пораз. На стартот беше поразен од Динамо Букурешт, додека во второто коло успеа да го совлада унгарскиот вицешампион, Веспрем. Следен предизвик во Лигата на шампионите за полскиот тим ќе биде составот на Фленсбург.