Драчевци убедливи во Велес, лесно до нови три бода

Ракометарите на Драчево во Велес беа убедливи против Борец со 31:23 во рамките од Првата лига од Групата А.

Екипата на Драчево од првата минута, па сè до последната беше во водство. Веќе во првите минути, гостите имаа предност од 9:4. Нивното водство беше преголем залак за избраниците на Игор Тодоровски, кои никако не можеа да фатат приклучок и да влезат во свој ритам.

Драчево на полувреме замина со четири гола предност, 14:10. Во второто полувреме, ракометарите на Велимир Настески со серија од 4:0 стигнаа до 19:11 и рано ја обезбедија зацртаната победа.

Последните петнаесетина минути беа само формалност и обид на составот на Борец да ја преполови високата негатива на минимум. Воиграната екипа на Драчево делуваше сигурно во своите напади и од денешниот натпревар си заминува со цел плен.

Најефикасен во победничката екипа беше Александар Димовски со шест гола. Во поразениот табор први стрелци со по четири гола беа Илија Табаков и Филип Сиљанов.

Победата над Борец беше четврта за екипата на Драчево, додека велешкиот тим останува на дното на табелата без освоен бод. Во следното коло, Драчево ќе го пречека Младост, а екипата на Борец на гостински терен во Ресен ќе се соочи против Преспа.

Со овој триумф тимот на Драчево практично се најде во групата од три екипи со по 12 поени од пет одиграни средби. Драчево е на врвот во Групата А од Првата машка лига заедно со Вардар Неготино и Младост.