Драчево го одржа чекорот со водечките, во меч со 72 гола ја совлада Јехона

Ракометарите на Драчево немаа проблеми да запишат нови бодови во 12. коло од групата А во Првата лига откако на домашен терен славеа сигурна победа против екипата на Јехона со 39:33.

Драчево уште од почетокот започна да ја гради предноста. Домашните отворија со 5:2 и 7:4 и имаа контрола на натпреварот. До крајот на првите 30 минути со рутинска игра го зголемија водството и имаа добра предност на паузата од 22:15.

Второто полувреме почна со игра гол за гол. Јехона се обиде да се врати во натпреварот, но негативата од првиот дел беше преголема. До крај на натпреварот продолжи ефикасната игра, а Драчево сигурно освои нови три бода.

Најефикасен во победничкиот тим беше Филип Дабевски со девет погодоци, додека по седум гола постигнаа Бобан Андовски и Александар Димовски. Во составот на Јехона уште еднаш најефикасен беше Адис Салиу кој постигна 13 гола, а седумпати погоди Бојан Марковски.